„Рутината е најважна“ – 33-годишна мајка на шест момчиња ги учи децата од дома и очекува уште едно бебе
Ариел и Мајк од САД се родители шест момчиња, а неодамна открија дека очекуваат уште едно дете. Пред околу четири години тие решиле да почнат да ги учат нивните деца од дома и велат дека и тие, и децата се презадоволни од тоа. Ариел има и Инстаграм профил со илјадници следбеници, на кој редовно споделува совети за родители и детали од секојдневието на нејзиното семејство.
Ариел Тајсон е инфлуенсерка и мајка на шест момчиња, а неодамна со сопругот Мајкл споделија дека очекуваат и седмо дете. Најстарото дете на Ариел и Мајк има девет години, а најмалото наскоро ќе наполни една година.
33-годишната мајка работи од дома, а воедно им е и тутор на пет од момчињата. Ариел ги учи нејзините деца дома уште пред да почне пандемијата, па е вистински експерт во таа област.
И Ариел и Мајк не оделе на училиште, туку учеле дома, а велат дека и двајцата имаат прекрасни спомени од тој период. Поради ова, одлучиле и нивните деца да го добијат соодветното образование во нивниот дом. Младиот пар од САД се одлучил на ова пред околу четири години, а кога се затворија училиштата низ државата поради пандемијата, нејзиниот Инстаграм профил им бил од помош на многу родители кои ненадејно се нашле во таа ситуација.
„Навистина уживав во учењето од дома и слободата што ја имав. Успеав да завршам средно една година порано бидејќи учев побрзо и не морав да чекам. Поради ова, завршив и факултет една година порано и магистрирав“, вели Ариел.
„Искусив многу други нешта кои не би можела ако одев во училиште. Одев на часови по глума, патував низ целата држава, а подоцна бев дел и од проекти како реклами и кратки филмови“.
Ариел дефинитивно ја има усовршено нејзината дневна рутина, за која вели дека е најважна, а на Инстаграм профилот кој го следат 277.000 корисници редовно споделува совети и детали од секојдневието на нејзиното семејство.
Денот на Ариел започнува во 7:30 часот со семеен појадок. Веднаш потоа петте момчиња почнуваат со нивните онлајн програми за учење, а ова ѝ дава време на Ариел да се грижи за помалите дечиња, но и да ги заврши своите работни обврски. Кога ќе завршат со часовите од онлајн програмата, децата читаат и ја пишуваат домашната со помош на Ариел.
После 15 часот, децата имаат други активности, како дружба со пријатели, спортување и слично. Еднаш неделно Ариел ги носи децата на „групен час“, што го организираат други родители чии деца учат од дома.
Иако и таа и децата без проблем ја следат рутината, Ариел открива дека учењето од дома си носи свои предизвици. Според неа, најтешко е да ја најдете програмата за учење што најмногу ќе им одговара на децата, бидејќи секое дете е различно и си има свои потреби.
„Ги учам децата од дома неколку години и постојано размислуваме што функционира најдобро за нашето семејство. Сопругот целосно ја поддржува оваа одлука – и тој учел од дома и се залага за тоа. На овој начин можеме да се фокусираме на јаките страни на нашите деца. Можеме да им помогнеме да ги развијат бидејќи имаме време и слобода за тоа“.
Ариел вели дека е важно родителите да експериментираат со разни техники за учење, со цел да откријат што е најдобро за децата:
„Имам две деца со дислексија и ми беше тешко да откријам кој е најдобриот пристап за нив. Потоа сретнав експерт за говор кој ми покажа неколку техники. Некогаш е тешко да се адаптирате, но тоа е неопходно“.
Бидејќи Ариел работи, нагласува дека мора да биде многу добро организирана.
„Имам неколку пријатели и Инстаграм следбеници кои беа инспирирани од мојата приказна, па почнаа и самите да ги учат децата од дома. Неколкумина, пак, почнаа да ја истражуваат оваа опција и ја гледаат како потенцијална можност за нивните семејства“.
Младата мајка вели дека нејзиниот живот не се променил многу поради пандемијата, но некогаш со сопругот биле загрижени за финансиите. Сепак, и таа и Мајк се сигурни дека ќе успеат да најдат решение ако се соочат со посериозен проблем.
Ариел има и одличен совет за оние чии деца треба да следат настава од дома, но и за родителите кои сакаат да пробаат да ги учат своите деца на овој начин:
„Важно е да бидете цврсти. Секое дете е различно и секое дете има различни слаби и јаки страни. Поставувајте си цели за секој ден и обидете за да ги постигнете, но немојте да се фокусирате на негативното. Одвојте повеќе време за материјалот што не го разбираат, а побрзо минувајте ги темите што им се јасни. Дозволете им да се фокусираат на нивните јаки страни и поддржувајте ги. Најважно е да се забавувате додека учите заедно“.