Едноставни трикови со кои ќе го натерате детето почесто да јаде здрави намирници
Воопшто не е лесно да го натерате детето да јаде повеќе овошје или зеленчук, особено е пребирливо кога станува збор за храна. Но сепак, секој родител знае дека здравата и разновидна исхрана е клучна за развојот на децата.
Покрај тоа, ако уште од најрана возраст го научите детето да се храни поздраво, кога ќе порасне ќе има помалку проблеми со вишокот килограми и полесно ќе ги избегнува здравствените проблеми поврзани со лошата исхрана.
Ова не значи дека треба целосно да му ја забраните како помфрит, хамбургери и слично, туку навикнете го почесто да внесува и здрави намирници.
Иако можеби ви изгледа невозможно да го убедите детето почесто да јаде здрава храна, постојат неколку трикови што сигурно ќе ви бидат од помош:
Направете поздрав рецепт за храната што веќе ја сака
Ни возрасните не можат да ѝ одолеат на брзата и нездрава храна, па тешко дека ќе го натерате детето да се откаже од неа. Всушност, нема потреба од тоа.
Доволно е да направите малку поздрава верзија на храната што вашето дете веќе ја сака. Ако, на пример, сака да јаде тестенини, направете му ги со зеленчук. Или, наместо пржен помфрит, направете му печени компири.
Направете ги оброците забавни
Ако имате повеќе слободно време, ослободете ја креативноста и направете ги детските оброци позабавни. На интернет можете да најдете безброј вакви идеи, со секаков вид храна.
Мотивирајте го со неговите омилени херои
Дали во детството ви викале да јадете спанаќ ако сакате да бидете силни, бидејќи тоа е омилената храна на Попај морнарот? Овој трик можете да го искористите и со вашите деца.
Ако вашето дете не сака да јаде нешто, кажете му дека тоа е омилената храна на неговиот херој.
Вклучете ги децата во готвењето и купувањето намирници
Децата многу повеќе ќе сакаат да пробаат некој оброк ако помогнале во готвењето или купувањето намирници. Па, кога ќе сакате да направите поздрав оброк, побарајте помош од вашето малечко.
Купувајте здрави грицки
Ако сметате дека вашето дете јаде премногу чипс или нешто слично, обидете се почесто да купувате здрави грицки, како јаткасти плодови, овошје и зеленчук. Многу полесно е да го натерате детето да изеде нешто здраво ако дома немате друго за грицкање.
Поставете пример
Ако вие се храните само со брза храна, не можете да очекувате детето да не го следи вашиот пример. Затоа, поработете на вашиот начин на исхрана и покажете му на детето дека и здравите оброци се вкусни.
Спирова С. | Црнобело