Колку вода треба да пиете додека доите за да спречите дехидрирање?
Колку вода треба да пиеме додека доиме? Дали сме испиле премногу или премалку течности? Што се случува со нашето тело ако не внесуваме доволно течности додека доиме? Ова се прашањата на кои бараме одговор.
На сите ни е јасно дека е мошне важно да внесуваме доволно течности во нашиот организам и да бидеме доволно хидрирани, затоа што човечкиот организам во 70 отсто е составен од вода.
Но, колку вода е потребно да пиеме додека доиме? Дали вообичаениот износ од 8 чаши дневно е доволен или ни се потребни дополнителни количества вода?
Овие прашања стануваат особено важни ако се земе во предвид дека во првите шест месеци од развојот на бебето, мајчиното млеко е истовремено и храна и течност.
Лекарите и патронажните сестри напоменуваат дека количината на вода, неопходна за покривање на загубите од организмот и за обезбедување на растот на бебето, се содржи во мајчиното млеко или во специјално подготвеното вештачко млеко за исхрана на доенчињата.
Мајчиното млеко содржи околу 90 отсто вода. Затоа, кога доите вашето тело претрпува значајна загуба на течности.
Иако некои повозрасни велат дека пиењето премногу вода ќе го разреди млекото, тоа воопшто не е точно. Освен ако не претерате, да пиете многу повеќе вода од она што е потребно – генерално не можете да влијаете премногу на количината и составот на млекото.
Според некои од релевантните медицински веб-сајтови, здравите жени што не дојат треба да пијат околу 2 литра течности дневно, додека за мајките што дојат треба да внесуваат околу 16 мали чаши или околу 3,7 литра течности.
Тука ќе мора да се земат предвид и другите фактори: физичка активност, потење и слично, а според некои веб-сајтови најдобар начин да бидете сигурни дека внесувате доволно течности е да пиете чаша вода по секое доење.
Знаци на дехидрираност
Доколку не сте сигурни дали внесувате доволно течности додека доите, можете да следите дали кај вас се појавуваат некои од следните знаци и симптоми:
- Урината е со потемна жолта боја
- Исцрпеност
- Зголемена раздразливост
- Распукана или сува кожа
- Замаеност и вртоглавици
- Опстипација
- Депресија
Ако забележите какви било симптоми на дехидрираност, веднаш консултирајте се со лекар. Исто така, запомнете дека секое тело е различно и дека внесувањето течности задолжително мора да го адаптирате на вашиот начин на живот, но и со периодот кога доите. Во лето сигурно ќе ви треба да внесувате повеќе течности отколку во зима.
За време на доењето не треба да консумираме газирани течности, кофеин или алкохол. Исто така, со оглед на тоа што шеќерот може да влијае врз апсорпцијата на вода во телото, треба да се избегнуваат и засладени пијалаци.
Секако, мора да запомниме дека доењето е најздравиот начин на исхрана за нашето малечко во првите шест месеци од животот, но додека се грижиме за него, не смееме да заборавиме на себе и на сопственото здравје.
Б. С. Б. | Црнобело