Забавни активности со кои ќе му помогнете на детето да ја развие емоционалната интелигенција
Колку што е важен физичкиот и интелектуалниот развој на детето, исто важна е и неговата емоционална интелигенција. Децата, исто како возрасните, чувствуваат безброј емоции, па важно е да знаат што значат и како да се справуваат со нив. А вие, родителот, треба да му помогнете во тоа.
За децата може да биде тешко да ги сфатат бројните комплицирани емоции, но постојат многу игри и забавни активности што ќе им помогнат во тоа.
Од цртање, па сè до игра со пантомима, погледнете кои забавни активности ќе му помогнат на детето да ја развие неговата емоционална интелигенција:
Читајте му приказни
Сите знаеме за бројните придобивки од читањето, без разлика на возраста, а дури и читањето приказни за малите деца има слично позитивно влијание.
Пред вашето малечко да научи да чита само, важно е вие да му читате приказни и книги за деца. На овој начин детето ќе се соживее со ликовите од приказната, ќе си ги визуелизира настаните и ќе ја развие неговата емпатија.
За да го направите читањето приказни уште попродуктивно, одвреме навреме поставувајте му и прашања на детето. Поставете му прашања како „Зошто ликот се чувствува вака во оваа ситуација?“ или „Како би се чувствувал/а ти на негово место?“
Цртање за искажување на емоциите
Скоро сите деца сакаат да цртаат, а цртањето може да биде одлична алатка за искажување на емоциите. Можете да му кажете на детето да нацрта среќен или тажен човек, да нацрта нешто што го прави среќно или нешто што го плаши и слично.
Со ова детето ќе почне подобро да ги разбира емоциите, а истовремено ќе ја развива својата креативност.
Цртање и музика
Ова е уште една забавна активност со цртање која е одлична за развивање на емоционалната интелигенција. Правилата се едноставни – пуштете му музика на детето и кажете му да се обиде да нацрта што чувствува додека ја слуша песната.
Факт е дека музиката има моќ да пробуди разни емоции кај секого, а кога детето ќе треба да ги нацрта, ќе почне да размислува за нив и подобро ќе ги разбере.
Лексикон со емоции
Можете да направите и лексикон со емоции со вашето дете. Од весници, списанија и слично, најдете слики од луѓе кои покажуваат разни емоции и помогнете му на детето да ги исече и да ги залепи во тетратка.
Потоа, до секоја слика напишете ја емоцијата што ја покажува личноста на неа. Уште подобро и ако дискутирате за секоја од емоциите – што може да ја предизвикаа таа емоција, дали е позитивна или негативна и слично.
Филмови со поука
Филмовите за деца, без разлика дали анимирани или играни, се одлично помагало во овој случај.
Слично како читањето приказни, детето ќе се соживее со ликовите и откако ќе го изгледате филмот, можете да дискутирате за нивните чувства, но и за пораката што ја испраќа приказната.
Пантомима
Ова е одлична игра што ќе му помогне на детето да ги препознава и разликува емоциите, но и да ви помогне да се зближите со него.
Прво вие со пантомима покажете некоја емоција, а вашето дете нека ја погоди. Потоа можете да си ги смените улогите или вие да му кажувате на детето која емоција да ја претстави со пантомима.
Вежби за релаксација
Како што вам ви треба време за релаксација, истото важи и за вашето дете. Уште од најрана возраст научете го детето како да се релаксира и опушти кога чувствува немир или некоја негативна емоција.
Нема потреба да навлегувате во техники за медитација – сосема доволно е да одвоите 10-тина минути за длабоко дишење.
Спирова С. | Црнобело