„Како да ги подготвите најмалите за новата учебна година?“ со логопед Симона В. Николовска
Пред нас е новата учебна година, поинаква од сите до сега и можеби со најпредизвикувачкиот почеток. Родителите се збунети, децата исто така, во главата ни се вртат илјадници мисли, што ќе биде и како ќе биде.
Но, што е она на што треба да се стави фокусот, што е она на кое треба да го свртиме вистински вниманието, што е она на кое детето треба да биде подготвено?
Оваа учебна година се разликува од сите останати до сега, социјалната дистанца, новите мерки на претпазливост, стравот и несигурноста се дел од сите.
Kои се наштата кои родителите треба да ги знаат и да ги практикуваат со своите деца, за да враќањето или почетокот на училиштето биде што полесен како за родителите така и за децата?
Иако, во изминатиот период се очекува детето да излегло од своите рутини, да има стекнато нови, кои не се поврзуваат со училишните, ова се работите кои треба да ви бидат секојдневие како би имале подобра подготовка:
Да го посетувате неговото училиште при вашите секојдневни прошетки. Поминувајте покрај училиштето и објаснете му на детето, дека наскоро ќе го носите на училиште, а по завршувањето на часовите ќе го земате .
Разговарајте со детето за тоа кои се неговите очекувања за претстојната учебна година, разговарајте за другарчињата, за наставниците, потсетувајте се на минатите позитивни искуства и доживувања со детето. Емотивната подготовка е многу важна, особено за дечињата кои прв пат ќе се најдат во новата средина. Подгответе го детето дека во училницата има правила кои ќе треба да се почитуваат, дека учителката ќе направи се за да го пренесе знаењето на интересен начин.
Оставете време на адаптација. Како и за секоја новонастаната ситуација, и тука е потребно време во кое ќе му отстапите простор и ќе имате разбирање за адаптивниот период на детето. Иако можеби ќе ви биде тешко да го оставите детето, охрабрете се себеси и охрабрете го вашето дете, не дозволувајте слабоста да ве поколеба.
Рутините се секогаш прекрасен начин за совладување на нови нешта, адаптирање на нови ситуации итн. Утрата нека ви започнуваат ритуално, со појадок, и подготовка за на училиште. Запазете го редоследот, тој е многу важен и значаен во овој период.
Самостојност. Самостојноста во однос на личната хигиена и вештините се извршување на секојдневните задачи е еден многу значаен фактор за дечињата. Секогаш имајте на ум дека со тоа што ќе го охрабрите детето самостојно да ги облече чевлите или да ги измие забите, или да ги собере играчките, му помагате на детето да биде самостојно.
Денес сме сведоци дека родителите се оптеретени со многу посложени вештини кои се обидуваат да им ги наметнат на своите деца, иако не е време и возраста на детето не е соодветна.
Забораваме колку личната грижа е важна, наспроти стекнати вештини за цртање, боење, говорење на два или повеќе јазици.
Фокусирајте се на секојдневните обврски, охрабрете го детето да си ги собере играчките, кога ќе излегувате од дома, сам да ги облече чевлите. Доколку се соочите со ситуација каде детето е обесхрабрено или одбива: „Не можам“, „Не знам“, возвратете му со позитивен став „Ајде, сакам да видам како ги облекуваш прво ти, па ако не можеш, ќе ти покажам јас“.
Среќен и успешен почеток!
Логопедот Симона Василеска Николовска може да ја следите на Инстаграм. Доколку имате прашања и предлози за тема на разговор со логопедот, испратете ги на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..
Прочитајте и: „Зошто е важно да им раскажувате приказни на децата?“- со логопед Симона В. Николовска
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
фото: depositphotos.com