Како да му го ограничите времето поминато пред екран на вашето дете без расправии?
Многу родители се загрижени за времето кое нивното дете го минува пред екран.
Смартфоните и компјутерите веќе се дел од нашето секојдневие, па речиси е невозможно да ги избегнеме. Неретко, дури ни возрасните не можат да контролираат колку време минуваат пред екран, а не па децата.
Сепак, ако сте забележале дека вашето дете поголемиот дел од денот го минува пред екран, сигурно се прашувате што можете да направите. Ако сте пробале да го казните и да му го земате телефонот или лаптопот, веројатно сте сфатиле дека ова само предизвикува гнев кај вашето дете.
Па, како тогаш да го ограничите времето поминато пред екран, без да предизвикате проблеми?
Можете да дознаете во продолжение:
Дозволете му на детето само да управува со неговото време
Една од најголемите грешки на родителите е што не им дозволуваат на децата сами да си го организираат времето. Кога детето само ќе мора да си направи распоред за денот, ќе научи и како да ги избегнува нештата што му го одвлекуваат вниманието – како смартфонот.
Објаснете му зошто не е во ред да минува толку време пред екран
Наместо да му викате, смирено кажете му на детето дека ако постојано е на телефонот или компјутерот, ќе нема време за ништо друго. Објаснете му дека користењето на електронските направи не е лошо, но дека сигурно не сака да го изгуби целиот ден поради некоја игра.
Покажете му дека игрите, филмовите и сериите можат да бидат „заразни“
Сите ги сакаме видео игрите, особено оние за смартфон, бидејќи треба да направиме малку за да добиеме некоја „награда“. Овие награди добиени со малку труд ни причинуваат задоволство, па токму поради тоа игрите можат да бидат „заразни“. На сличен начин се јавува и „зависноста“ од филмови и серии.
Објаснете му го ова на вашето дете и кажете му дека овие нешта се за забава, а не за исполнување на целото слободно време.
Прашајте го колку време му е доволно пред екран
Можеби се плашите да го поставите ова прашање, бидејќи мислите дека одговорот ќе биде „цел ден“. Но, кога ќе му објасните на детето зошто не е во ред постојано да биде на телефонот или компјутерот, самото ќе почне да си го ограничува времето.