„Има време, ехеее, каде е септември...“ на 2 недели пред почетокот на учебната година не знаеме како ќе започне
На десетина дена до почетокот на новата учебна година, ние сме подеднакво изгубени и безидејни како и во многу други сфери во државава. Во превод – немаме никаква идеја како ќе започне да се одвива наставата во училиштата. Многу предлози – малку решенија. Многу кавги – малку конструктивен разговор.
Доколку досега „произведувавме“ дискутабилни образовни кадри, годинава очигледно се соочуваме со апокалипсата. Ни се заканува црно сценарио, можеби една од најлошите години во образовниот процес досега, а нас како „мува да не нè лази“.
„Има време, ехеее, каде е септември...“ Научени да одложуваме и да спиеме на увото дека волшебно ќе се најде чаре за проблемите, тие нè надвјасаа и сега не умееме да се справиме со нив.
Сведоци сме на вжештени дебати и дискусии, генерално помеѓу родителите, едните кои се ЗА и другите ПРОТИВ започнување на настава со физичко присуство и отворање на училишните врати.
И едните и другите имаат генерално солидни аргументи. Ова е проблем со многу варијабли. Ќе ги споменеме сите на купче, а вие слободно дополнете го списокот со оние кои сметате дека сме ги пропуштиле.
Тука се секако руинираните училишта, во смисла на несоодветни хигиенски услови. Во време на пандемија, зборуваме за враќање во училиштата кои не располагаат со соодветни тоалети, во кои со години никој не се грижи за набавка на сапун и тоалетна хартија.
Со години наназад, родителите се принудени да ги праќаат децата на училиште со сапун, тоалетна хартија и влажни марамчиња во ранците и да собираат пари за варосување на училиштето, купување дополнителни учебни помагала или дератизација на училишните простории.
Кој може да ги издржи часовите со маска на лицето, макар станувало збор за скратени часови? Како да забораваме дека станува збор за дечиња кои го немаат сè уште нивото на самоконтрола како возрасните. Што е со дечињата коишто носат очила? Како планирате да го одржат нивото на концентрација со очила и маска на лицето во текот на предавањата?
Зошто никој упорно не го споменува јавниот превоз кој го користат средношколците? Тој и онака е преоптоварен и намален, а може да замислиме каков хаос ќе настане од септември кога секој од нив ќе треба да стигне до своето училиште. Како би требало да се снајдеме со хаотичниот јавен превоз, тие што треба да стигнат на училиште и ние на работа?
Секако, и останувањето дома и учењето онлајн си носи свои предизвици. Подготвени ли се наставниците за ваков предизвик? Имаат ли соодветна опрема и стабилен интернет за сето ова? А децата? Не секое располага со солиден компјутер или таблет за да ја следи наставата, колку и да ви изгледа чудно тоа.
Многу нерешени прашања, а малку одговори. Сега остануваме со куп прашалници и премалку време за решенија.
Останува вистината – дека дечињата се најголемата колатерална штета, а оваа ситуација уште толку ќе удри по нивното образование, едукација и социјализација. Уште потешко за првачињата и оние што за првпат ќе стапнат во средно училиште.
Што мислите вие, како треба да започне учебната година?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com
Автор: (О)Милена | Црнобелo