И деца и родители со нула култура, тргнале на театар со ќеси грицки и уста не затвораат цела претстава

Пред неколку денови во една од најпопуларните женски групи на Фејсбук, извесна госпоѓа имаше напишано статус поврзан со (не)културата на децата и родителите кои одат во Театарот за деца и младинци.

Trgnale-na-teatar-so-kjesi-gricki-01.jpg

Госпоѓата е со надеж дека ќе ја поткрене свеста и дека од ваквите институции не треба да се прави пазар или панаѓур. Театарот е симбол на културата. Затоа, ние сме некултурни за сите пари на светот.

Таа објаснува (парафразирам) како две семејства се распослале со децата со еден куп грицки и сокчиња, небаре ќе умрат од глад и жед и апокалипсата ни чука на вратата. Откако се изнашушкале со ќесите, се изназборувале, а редарот дошол да ги опомене да бидат тивки, таткото дрско ѝ се спротивставил со аргументот: Ние така ги смируваме децата!

Да се истрпи ваква тортура навистина треба да се има нерви. Но, она што мене навистина ме чуди е што под нејзината објава се нижат над 500 „лајкови“ во знак на одобрување и уште стотина позитивни коментари кои ја поддржуваат. Но, каде се овие луѓе во реалноста? Каде се тие 500 поддржувачи на објавата?

Недај боже денес да му кажеш на некој родител дека децата му се дрски, невоспитани, безобразни. „Ти мене ќе ми кажуваш како се чуваат деца!“ Во состојба се физички да те нападнат бидејќи си се дрзнал да го навредиш егото на нивното мало, скапоцено, совршено злато.

Па да е само театарот единствената „бина“ каде што децата го покажуваат своето домашно невоспитување, својата агресија и примитивизам. Насекаде е така. Во кино. Во автобус. На улица.

И наместо да им обрнете внимание и да им укажете на грешките, вие упорно ги храните уште повеќе со самодоверба. Ги тапкате по рамото и наоѓате оправдувања за нив. Ги браните, ги правдате.

И како да се натпреварувате чие дете ќе биде повеќе побучно, побунтовно, поагресивно. Демек, ако одгледаме мили, тивки и воспитани деца, утре нема да биде ништо од нив. Вака, нека бидат неранимајковци од мали нозе, нека газат сè пред себе, нека ја диктираат атмосферата во целиот театар и нека им прават тортура на 500 гледачи истовремено. Иден директор на тато, покакај им се на главата!

Преку глава од вашите модерни психологии на воспитување, кога едно дете од 6 години ве држи заложник, а вие играте онака како што тоа ви свири. Преку глава од вашиот лош модел на воспитување, од немањето авторитет и од создавањето генерации и генерации лоши, невоспитани деца и паразити. Преку глава од вашата заштитничка природа која ги преминува сите нормални граници на однесување и родителство.

Само во Македонија има деца. Само нашите се деца на светов, други нема. Само тие се најкреативни, толку креативни што мораат да истураат боја на ѕидовите, да кршат, да плукаат, да уништуваат, да чкртаат насекаде, да расипуваат, да се дерат неконтролирано, да врескаат, затоа што креативноста избива од нив и нема начин како да се сопре.

Битно децата да ви се најскапо облечени по последна мода, да имаат најскапи телефони, а не знаат сами да си го избришат газето. Битно е да трошат пари низ трговските центри колку просечната дневница па дури и малку повеќе, оти ви се може. Битно е да газат врз другите кутри дечиња кои не може да си дозволат ништо од ова и да ги понижуваат.

Не сите родители го имаат луксузот да им дадат на децата сè што малечките ќе посакаат.

Кога ваквите родители конечно ќе успеат да ги изнесат децата од дома, да ги прошетаат или да ги однесат во театар, битно е повторно да ја покажете сопствената доминација, охрабрувајќи ги истовремено и сопствените деца да го следат вашиот лош пример.

Со својата агресија и ароганцијата невешто го маскирате сопствениот простаклак и малограѓанштината која избива од секоја ваша пора. Сте можеле да кажете – извинете што сме гласни. Извинете што ви пречиме и ви ја уништуваме претставата.

Ама не, вие сте решени дека сте центарот на светот, вие и вашите модерни, накитени деца. 

Знам дека мислите дека децата ви се златни. Ама не е злато сè што сјае.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Им љубоморам на моите деца – имаат поубаво и полесно детство од моето“ „Кога бев дете, секое саботно утро ми беше жртвувано – морав да ја косам тревата...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...
6 работи со кои родителите несвесно им штетат на своите деца Не им ставате крем со фактор кога излегуваат на сонце и не им купувате соодветни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg