За сите мајки кои го преживеаа денешниот ужасен ден…
Денес, кога им викаше на твоите деца бидејќи не можеше да ја задржиш контролата над себеси и успеа да ги расплачеш, а подоцна и ти тивко плачеше затворена во тоалетот…
Денес, кога одвај успеавте да ги проверите и завршите сите училишни задачи и трчајќи помеѓу дневната и кујната успеа да загори и ручекот…
Денес, кога сите околу тебе изгледаа како да ги прават сите работи совршено, без никаков проблем, а тебе започна да те гризе совеста дека си вистински неуспех од жена, мајка и сопруга…
Денес, кога успеа да ти се скршат 2 чаши, 3 чинии, кога се сопна и падна на тротоарот, кога содржината на целата чанта ти се излеа на улицата…
Диши длабоко, земи здив и запомни – и ти си нечие дете.
Само затоа што си возрасна, не значи дека ги имаш и знаеш сите одговори и решенија на светот.
Сите се трудиме најмногу што можеме, секој ден, секој час, секоја минутка.
Никој од нас не е совршен, се движиме по тенко јаженце, жонглирајќи со обврските и проблемите кои ни ги фрла животот в лице. Внимаваме да не паднеме во бездната, додека тенкото јаженце некогаш одвај издржува да не се скине.
Одењето понекогаш е лесно како песна, како безгрижен танц кој може да го прелетате со затворени очи.
А понекогаш одржувањето на рамнотежата е толку проклето тешко.
Затоа, токму затоа, не треба да се осудуваме себеси толку безмилосно. Ниту себеси, ниту пак другите. И тие се обидуваат да го протуркаат денот најдобро како што знаат и умеат.
Сите сме заедно денес, тука, во овој ден, на ова место. Се нарекува живот, и не е ниту малку фер или лесно, но истовремено е толку прекрасно и неповторливо. Нема копче за премотување на изминатиот ден и враќање назад.
Денес, земи здив длабоко и помисли како би било да живееш без некои особено високи очекувања, само за момент.
Да се биде среќен, да се биде задоволен. Да се има мир.
Да знаеш дека на крајот од денот сè ќе биде во ред, без оглед на фактот колку многу работи заборави да направиш или ги направи погрешно или едноставно решија да тргнат наопаку.
Овој живот е многу повеќе отколку чек-листа со задолженија и штиклирани завршени обврски.
Прегратките се важни, разговорите и смеата, не совршено завитканите подароци или перфектно зготвениот ручек.
Денес, знај дека го можеш сето тоа и многу повеќе…
И одлично ти оди. Браво за тебе мајка, браво жено!
А утре, утре е уште еден нов ден, нова шанса за уште поубави нешта…
(О)Милена | Црнобело