5 начини како да му помогнете на детето кое се плаши од училиштето
Започна учебната година, а со тоа некои родители одново (или првпат) се на голема мака со своите деца.
И додека има група деца што едвај чека да започне новата учебна година, постојат и оние за кои секој почеток е вистински пекол, и за нив и за нивните родители.
Многу родители се соочуваат со сериозни промени во расположението на нивните деца, со страв, а некои дури и се соочуваат со проблеми „на нервна база“, само затоа што се плашат од училиштето.
Некои деца успеваат да се адаптираат во првите 10-15 дена, но на некои им се потребни и еден до два месеца. Проблем може да биде и ако истото се повторува секоја година.
Доколку се соочувате со нешто вакво, следниве совети можат да ви помогнат полесно да го надминете стравот заедно со детето:
1. Бидете нежни со нив
Иако можат да ве дотераат до раб на лудило со своето однесување, не заборавајте дека секогаш има причина зошто чувствуваат таква одбивност кон училиштето. Наместо да ги карате и казнувате, пристапете им со нежност и разбирање.
Можеби нема да ви успее од првиот обид, но потоа вашето дете сигурно ќе се отвори и ќе открие што всушност го мачи. Знаејќи ја причината, полесно ќе можете да му помогнете во решавањето на проблемот.
2. Покажете им дека сте со нив
Децата, особено оние кои се во првите години од своето образование, треба да сфатат дека не се напуштени и дека тоа е неминовен процес. Но, секогаш можете да им дадете нешто што ќе ги потсетува на вас.
На пример, дајте им го вашето ланче, шал или капа, за да, на некој начин, бидете постојано со нив.
3. Зборувајте им за убави нешта од иднината
Потсетете ги зошто образованието е важно, дајте им до знаење дека илјадници деца започнуваат со училиште исто како нив, фантазирајте, планирајте, објаснете им дека и овој процес е нормален дел од животот и ќе им донесе убави искуства...
Важно е да знаат дека не треба да гледаат на училиштето како на нешто страшно.
4. Воведете рутинска подготовка за училиште
Доколку имате проблем со одбивање на училиштето, знаете дека утрата може да бидат навистина напорни. Затоа, воведете вечерна рутина.
Заедно изберете облека, прашајте го детето кои патики сака да ги носи и средете го ранецот за следниот ден. Договорете се што ќе појадувате следното утро и вклучете го и детето во подготовка и сервирање.
5. Дајте им до знаење дека се храбри
Многу деца позитивно реагираат на пофалбите. Не заборавајте да ги пофалите секогаш кога ќе направат нешто добро и мотивирајте ги да бидат еднакво добри и во училиште.
Потсетете ги што сè имаат направено претходно и дајте им го признанието за храброст, за да ги мотивирате за иднината.
Е. Д. | Црнобело