Зошто заедничкиот одмор е неопходен за секое среќно семејство?
Неодамнешни истражувања покажале дека семејните одмори се многу важен дел од животот на едно семејство, особено за воспоставување близина меѓу сите членови.
Ваквите патувања им се потребни и на децата и на возрасните, особено доколку преку целата година родителите работат и често остануваат прекувремено, а децата се во градинка или ги чуваат роднини.
Авторката на истражувањето, Синди Чен од Универзитетот во Торонто, тврди дека емоционалната реакција предизвикана од семејното патување е како возбуда при адреналинска авантура и е многу поинтензивна отколку кој било материјален подарок.
Иако многумина мислат дека се свесни за тоа, сепак важно е постојано да се потсетуваат на фактот дека заедничкиот одмор ги зближува членовите од семејството и ги прави посреќни, чувство кое ќе остане уште неколку месеци по одморот, пред обврските да ги развлечат родителите на сите страни.
Истото важи и кога децата ќе пораснат, па и тие самите почнуваат да се оддалечуваат заради обврските на факултет или работа, па заедничките патувања барем еднаш во годината се и повеќе од потребни за повторно да се зајакнат односите и да се потсетите колку семејството е важно.
Многу од испитаниците во ова истражување како најсреќни спомени ги навеле токму оние кога биле на одмор со своите родители и браќа и сестри, а голем дел нагласиле дека тие спомени нема никогаш да ги заборават.
Во ваквите случаи, воопшто не е важно дали заедничкото време било поминато за викенд покрај езеро, на планина или било подолг одмор на далечна дестинација.
Освен тоа, одморите се одлични за запознавање на нови луѓе, кои може да бидат или минливи или пак, да ви останат пријатели. Исто така, се подобрува и физичката и социјалната интеракција како кај родителите, така и кај децата.
Па, родители, размислете вашата следна семејна инвестиција да биде заеднички одмор, наместо нов компјутер или таблет. Вашите деца навистина ќе го ценат тоа.
Е. Д. | Црнобело