Или децата им се качуваат на глава или родителите ги удираат без причина - не постои златна средина
Недела е, сонцето е искачено високо над небото и провејува пријатен ветер додека седиме оптегнато на тревата во градскиот парк. Дојдени сме како и сите други, по грст сонце и малку мир и релаксација да ги наполниме батериите за новата работна недела.
Околу нас врие од дечиња и родители. Дел од нив несмасно лижат сладоледи, па следуваат плачки како им паднал од раце или како се извалкале. Други пак се нервираат зошто балонот им одлетал. Трети, зошто велосипедот се вози потешко на тревата отколку на асфалтот.
Во секој случај најголем дел од дечињата се златни и умни. Секако, ги има и оние кои буквално може да им се покакаат на родителите на глава, а овие пак ќе им кажат – „Браво злато на мама, најубаво сонце мое, еве ќе отворам и уста ако треба за тебе, повтори го истото“.
За таквите не постои зборот граница, зборот казна. Тие читале премногу самопомагачка модерна литература и психолошки книги кои тврдат дека не смееш да му повишиш тон на детето, затоа што ќе го осакатиш за цел живот.
Хиперактивно е и ти растура по дома – премногу е креативно.
Лаже на секој чекор и си измислува работи – премногу е интелигентно.
Доживува психотични напади и тантруми додека не може да се одлепи од подот во продавницата за играчки – самостојно е, независно и има цврст карактер на мал човек што во иднина ќе добива сè што ќе посака.
За секое едно неоправдано нешто постои оправдување. Со цел детето да не прерасне во уплашена и припотресена возрасна единка без свое „јас“, дозволено му е да прави што сака, макар тоа значело да ги тероризира не само родителите туку и сите останати во неговата непосредна околина.
Ќе ви се издере, ќе ви плаче на уво, ќе ве удри, ќе ве навреди, а вие ќе си молчите. Кои сте вие да му стоите на патот кон растењето, да го истрауматизирате или уплашите со самиот чин на скарување на детето?
Од едната страна имате вакви родители и деца, а од другата сосема поинакви. Претходните денови врнеше, некои дупки во тревата се наполниле со вода која станала кал, и лесно може да ги утнеш дури и ако си возрасен, а не пак дете.
На едно малечко од одвај година и половина случајно му паѓа топчето од раце во таква дупка. На неа се налепува кал, додека мајката му се приближува да ја избрише.
Од спротивниот крај на тревникот таткото го забележува овој злочин и започнува да вика колку што го држи гласот: „Па стоко една, нели гледаш каде одиш? За вас ли е надвор, веднаш сите си одиме дома! Дојди ваму, доста беше надвор за вас!“
Откако поминаа цели 4 и пол минути во природата, таткото-насилник кој одвај се воздржуваше да не го удри малечкото само затоа што му паднала топката во калта и ја извалкало, продолжи да реди грст навреди и пцовки.
За сите! Сите ги нарани со убави зборови, и детенцето кое збунето трепка и не му е јасно што се случува и ќоравата мајка.
Таа молчи, му се приближува со детето. Малечкото се качува на една пластична играчка со тркалца на влечење по команда на таткото, а зад него се обидува да се качи малку поголемата сестричка.
Одеднаш се огласува мајката – „Ај ма па ти, крава една, види се колкава си, се бута зад брат ѝ, стани таму, оди пешки, имаш нозе!“
Девојчето послушно станува, додека таткото ја завршува дискусијата констатирајќи колку синот е глупав. Дете од годинка и нешто е глупчо, малку постара сестричка е крава.
А вие двајцата што сте? Освен неподобни за родители. И толку, си отидоа дома. Играта заврши.
Имаше и уште неколку случки каде што родители ги шлапнаа децата силно по задникот, ги скубнаа за косичките без никаква очигледна причина, како да решиле врз нив да си го истурат бесот и сите наталожени фрустрации.
А имаше и такви кои им дозволуваа да плукаат, да се однесуваат непристојно и безобразно, заглавени со погледите во телефоните, необрнувајќи им внимание на малите суштества кои очајно молат за малку друштво и игра со мама и тато.
Дечињата се невини мали души. Златни се, нималку виновни што нема кој правилно да ги подучи и насочи. Утре ќе прераснат во разгалени распекмезени возрасни луѓе или пак во насилници кои ќе одмеруваат сила со нивните мали деца, онака како што тоа го правете нивните родители.
Тешко зараснуваат лузните кои им ги нанесуваме на децата додека се мали. Не правете ги, не претворајте ги во себични, лоши паразити или во тепачи со неконтролиран гнев во себе.
Нема златна средина кај нас за ништо. Родителите на денешницата не се никаков исклучок од ова правило.
(О)Милена | Црнобело