Што е тоа што вашиот тинејџер сака да ви го каже, но не знае како?

Низ серија лични сведоштва откриваме што најчесто им поминува низ главите на тинејџерите.

Sto-e-toa-sto-vasiot-tinejdzer-saka-da-vi-go-kaze-no-ne-znae-kako-01.jpg

Откако ќе ги прочитате нивните исповеди, можеби ќе ги сфатите малку подобро и ќе пронајдете емпатија и оправдување за многу од нивните постапки:

„Лут сум. Не знам зошто. Понекогаш се будам лут. Понекогаш сум добро расположен. Ниту мене не ми се допаѓа кога сум таков. Сакам да не сум толку лут и нервозен, ама сум. И не можам да направам ништо во врска со тоа“.

„Секој ден се чувствувам како да сум во затвор. Заробена во тело кое се менува, животот ми е низа од работи кои морам да ги правам, а не од нешта кои сакам да ги правам. Тестови, писмени, испрашувања. По цел ден сум со деца на моја возраст кои се подеднакво несреќни и изгубени како и јас“.

„Понекогаш се случува некој да ме исмева додека сме на училиште. Некој наставник или некое другарче. Тоа не ви го кажувам затоа што ми е срам. Не сакам да знаете колку повредено се чувствувам. Не сакам да знаете дека така се чувствувам многу често“.

„Целиот живот ми е сведен на работи кои не сакам да ги правам. Не сакам да станувам рано. Не сакам да легнувам рано. Не сакам да одам на училиште. Преку глава ми е од тон домашни задачи. Не сакам… не можам да се сетам на ниту една работа која САКАМ да ја правам. Освен да спијам. Единствено кога спијам не сум под стрес, не чувствувам притисок од никого и не сум загрижен“.

„Најчесто се кријам во својата соба. Гледам филмови и глупави видео клипови. Тоа го правам за да избегам од сопствените мисли кои ме заробуваат. Бегам сам од себе. Ви звучи лудо, нели?“

„Знам дека собата ми е хаотична, знам дека мислиш дека изгледа како кочина. Ми го повторуваш тоа најмалку 3 пати дневно. Но мене баш ми се допаѓа. Собата изгледа баш така како што јас се чувствувам одвнатре. Не ме прашувај што не е во ред. Не знам како да ви одговорам на тоа“.

„Знам дека сте ми лути. Веројатно и имате право да се лутите. Престанав да зборувам со вас. Понекогаш во лутина ви кажувам грозни работи. Викам, навредувам и ве обвинувам за работи за кои не сте виновни. Понекогаш ми доаѓа да скршам нешто, а вистината е дека јас се чувствувам скршено“.

„Не бев отсекогаш ваква. Кога ќе погледнам во некои стари фотки од детството, гледам среќно и насмеано дете. Дете кое сакаше само да си игра, да пее, да се смее и не му беше гајле што мислат или зборуваат другите за него. Тоа дете веќе не постои“.

„Би сакала да ви кажам нешто што не ми е лесно да го кажам. Ве молам да не го свртите на шега. Ве молам да не кревате раце од мене. Да не ме мразите. Потребен ми е некој на моја страна. Ми требаат моите мама и тато, особено тогаш кога кажувам дека не ми треба никој“.

„Не ме шпионирајте. Не влегувате во мојата соба без тропање, не ме прашувајте секој ден едни исти работи. Немам одговор. Не ми викајте, се чувствувам уште полошо. Сакам само да бидам сам, ми треба време и простор“.

Што уште сакаат да им кажат тинејџерите на своите родители, но немаат сила, ниту пак мислат дека некој ќе ги сфати сериозно?

Не ми викајте

Понекогаш во мојата глава се случува толку голем хаос, што не можам да си ги слушнам ни сопствените мисли. Кога згора на сето тоа вие ќе почнете да се надвикувате, се чувствувам бедно. Како некој што не припаѓа со вас. Како да сум најголемото разочарување во вашите животи.

Земете ми го телефонот

Не можам да престанам да гледам во телефонот. Пробувам, ама не можам. Знам дека тоа ми одзема премногу време, но не можам да сопрам. Потребна ми е вашата помош.

Потребно ми е да поставите граница. Ве молам. Сигурно ќе се расправаме и јас ќе се инаетам, ама вие не попуштајте. Не правете компромиси со мене, едноставно не ми дозволувајте да гледам по цел ден во компјутерот или телефонот.

Одведете ме на некое мирно место

Иако кажувам дека не сакам никаде да одам со вас, ако ме однесете на некое мирно, тивко место каде што ќе можеме да шетаме, да одмориме и мирно да поразговараме, без расправии, навистина би уживал во тоа.

Да ги слушаме птиците и ветерот, слободно да дишам и да заборавам на сè што ме мачи. Многу би ми знаело тоа. Дури и да молчиме ќе биде сосема во ред.

Не ме разгалувајте

Престанете да ми сервирате сè на чинија. Колку повеќе ми давате, толку повеќе ме оддалечувате од себе. Не ми требаат скапи подароци кога не ве гледам по цели денови.

Треба да научам да ги заслужувам работите. Тоа ќе ми помогне да го изградам својот карактер и да стекнам самодоверба.

Мора да ме научите како се штеди и да се подели тоа што го имаш со оние кои имаат помалку од мене.

Ме нервира што сум зависен од вас. Помогнете ми да станам независен, не уште толку да ме врзувате за себе.

Пронајдете некој со кого можам да разговарам

Потребен ми е некој на кого можам да се угледам и чиј пример може да го следам, а да не сте вие. Потребен ми е некој возрасен кому ќе му се восхитувам, кој ќе ми биде репер во однесувањето. Некој кој ќе верува во мене и мојот потенцијал, ќе ме разбира и поддржува.

Тоа може да биде пријател, тренер, наставник. Понекогаш дури добро е да се разговара и со психолог. Некој кој ќе ми даде надеж тогаш кога мислам дека сум изгубил сè.

Кажете ми дека ме сакате одвреме-навреме

Најчесто се преправаме дека не ни е гајле. Но навистина и е потребно да ги слушнеме тие 2 мали зборчиња. Те сакам. Бидејќи во овој момент, не се сакаме себеси којзнае колку.

Иако ви изгледа дека ви го загорчуваме животот додека сме тинејџери, и во пубертетот потребно ни е да знаеме дека сме сакани. Можеби и малку повеќе од другите периоди од животот.

„Кога нештата стануваат неподносливи, имајте само една работа на ум – и вие сте поминале низ ова. И вие сте биле вакви. Но ќе помине. И знам дека не го кажувам ова често, но ВЕ САКАМ“.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мамо, не мораш да бидеш супер жена - сакам да те паметам насмеана „Мамо, еден ден кога твоето тело ќе се измори ретко кој ќе се сеќава дека си се ...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
„Работи кои реков дека нема никогаш да ги направам како родител, a сега ги правам“ „Велев дека никогаш јас нема да ја користам фразата ‘Затоа што јас кажав така’ и...
„Јас сум разведена мајка на 2 деца - не сакам да ги гледам секој ден и тоа не ме прави лош родител“ „Зошто воопшто си раѓала деца?“ – ја напаѓаат Луси Паркер (35) од Велика Британи...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg