Наместо подароци, донесете паричиња во пликца - нов тренд кој ве тера да не се појавите на детски родендени

Постојат толку многу работи кои ме збунуваат, смеат и иритираат истовремено кога станува збор за воспитувањето на денешните дечиња. Ама не е твое место да кажеш, нели? Ако немаш дете или пак дотичното дете не е твое, практично не треба ниту да имаш мислење.

Namesto-podaroci-donesete-paricinja-vo-plikcinja-01.jpg

Бидејќи ти самата не си нечие дете, немаш родители, не си чувал никогаш деца. Паднат си од Марс и не можеш да го сфатиш тој балкански синдром на „моето дете е најпаметно, најубаво, центар на светот е, на универзумот и вселената.“

Сите се мали принцези и принцови. Штета што не се доволно свесни да знаат што правите во нивно име – пуштате покани за нивните родендени во кои барате паричиња во пликце наместо нормални подароци.

Кога сте инволвирани во некоја таква ситуација, тогаш веројатно и имате право на мислење. А моето е следното: штотуку ќе помислиш дека не може пониско од ова и оп! – се оди уште пониско и се гребе по дното.

Кога јас славев родендени како помала, најмногу што мразев е да добивам пари. Зошто? Затоа што знаев дека парите ги земаат моите родители и нема да ги видиш никогаш повеќе.

„Ние ќе ти ги чуваме сине, дај ги на сигурно“. Ги предаваш парите тажно и неволно и не ги гледаш повеќе, отишле за поправка на нешто расипано дома, за некоја нивна итна потреба.

„На штедна книшка ти се“. Не, не се. Потрошени се, збогувај се со парите од роденденот.

Затоа пак со душа сум ги чекала подароците, играчките, облеката, нови чевличиња, боенки. Сум се радувала на мирислива гума со пчелката Маја како да ќе нема утре.

Вие им го ускратувате и тоа задоволство на децата – да се израдуваат нормално на сопствениот роденден и подароците од најблиските. Додуша, не знам колку умеат да се радуваат, не знам искрено како се радува дете кое веќе има сè, сè му е видено, изиграно, износено.

Но, знам дека молбите да се однесе подарок во пликце се неосновани и злобни.

Затоа што си правите математика како што обично се случува на свадбите. Сакате ли да си го вратите сето она што сте го вложиле во роденденот или недај боже да профитирате од истото, не ве разбирам.

Не ви е срам? Уште и дрско го браните својот став – не може мене некој да ми донесе скапани пижамчиња од 200 денари, а јас тука сум ставила слатка маса од 200 евра?

Бедно е и срамно е да размислувате вака. Прво, можеби тие 200 денари биле последните кои гостите имале да ги одвојат за подарокот на вашето дете. Второ, ако мислите дека го прават намерно, постои соодветен начин да им вратите на услугата – појавете се и вие со таков сличен поклон, па дотерајте им го умот.

Трето, правите роденден со цел да прославите, да се порадувате, не да правите весела математика за тоа колку е исплатливо, колку ќе сте во минус или плус на крајот.

Ама да барате компензација за вашата фамозна слатка маса и да ги покриете трошоците е жално.

На сета таа грижа и нега за децата, како да јаделе здраво, органско, безглутенско, кога им треснувате 50 слатки на масата – е ужасно парадоксално.

Никој не ви ја гледа масата. Ставена ви е само да се слика за на Инстаграм. Само декорација, ништо повеќе. Ниту некој јаде, ниту некој ѝ се радува.

На дете од годинка со одвај 3 запчиња му е баш гајле за мафините и чоколадните фонтани и гумените мечиња и бонбоните.

Децата сакаат само игра, безгрижно да се радуваат. Гајле им е за слатки маси, за скапи декорации, за салфети чиј дезен ќе одговарал на чаршафот. Најбитно им е да дојдат омилените другарчиња и да дуваат свеќички.

За нарачаните подарочиња во пликциња сигурно не им е гајле.

А, вие ако мислите дека деминутивот делува преслатко и интересно и ќе нè натера да го заборавиме фактот дека не нè цените како гости – скапо сте се излажале.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
„Жртвував сѐ за да бидам добра мајка, сега на 55 години се прашувам дали воопшто вредеше“ „Ја жртвував сопствената кариера за да бидам тука за децата и сакам да верувам д...
„Се каам затоа што сакав да бидам совршена мајка и викав многу по моите деца за сè“ „Се каам затоа што се карав гласно пред нив со нивниот татко. Им се извинив, но ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg