Мајка сум, но не сакам да им робувам на децата, имам и свој живот

Додека растевме јас и брат ми, мајка ми ни беше целосно посветена нам. Секако, кога бевме помали не го забележувавме тоа.

Majka-sum-no-ne-sakam-da-im-robuvam-na-decata-01.jpg

Но, како што растев забележував дека целиот свет на мајка ми се врти околу нас. Тоа почна да ни пречи особено додека бевме тинејџери и подоцна, како уште повеќе растевме и созревавме.

Имаше многу моменти кога намерно сакаше да поминува повеќе време со нас отколку со татко ни. Дури и тој, полу на шега, полу на вистина знаеше да каже – вие сте ѝ маж на мајка ви, јас одамна сум заборавен.

Дури и кога немаше потреба толку да се жртвува за нас, во смисла на нејзиното слободно време или да си купи и дозволи нешто за себе, таа повторно се вртеше кон нас.

Уживаше во улогата на семоќна мајка, заштитничка и на некој начин започна да наликува на жртва. Еве јас за децата, сè за децата, не сум ниту излезена, ниту прошетана, ниту дотерана, останав сама, без пријателки или некој поблизок, сè само за вас децата, дури и кога никој не го бараше тоа од неа.

И кога ѝ велевме дека нема потреба да ни посветува толку време и внимание, дека пораснавме, дека е крајно време да си се посвети сама на себе, дека сега ние сме тука за неа, а не обратно, таа ненадејно започнуваше да плаче, како не сме биле благодарни, како жртвувала сè за нас, а ние сега ѝ го вртиме грбот.

Цврсто бев решена дека тоа нема да дозволам да ми се случи мене. Да, имам деца и ги сакам најмногу од сè на светот. Дишам за нив, но дишам и за себеси и за мојот сопруг.

Децата се тука и најмногу сме им потребни додека се немоќни и малечки. Како растат и како созреваат, така имаат и помалку потреба од нас. Еден ден го напуштаат домот и остануваш повторно сам со личноста која си ја одбрал да го делиш целиот свој живот.

Тој е тука до тебе, во добро и зло. Со него ја делиш постелата, не со децата. Со него појадуваш, со него пиеш кафе, со него ги голташ апчињата.

Зошто би го заборавила него само затоа што имам деца? Зошто би ги заборавила сите пријателки, само затоа што сум мајка?

Зошто морам да бидам принудена да избришам цел еден битен дел од животот како да не постоел и да изигрувам маченичка и жртва?

Зошто да ми е забранета да си одвојам време за себе, да се дотерам, да се средам и да излезам некаде со пријателките? Моите деца ќе бидат најсреќни кога јас и нивниот татко ќе бидеме првенствено среќни и задоволни.

Но, некој решил дека тоа не може да функционира така. Па, ти проповедаат одоколу како си ти себична, пакосна, незаинтересирана. Ти си немајка.

Треба да си жртва, да мизеруваш, да се залепиш до децата до кај нивната 50-та година и никогаш да не им дадеш да дишат слободно. Не ја сечи таа папочна врвка, вечно да сме сраснати, сине најубав на мама.

Да им ѕвониш по 10 пати во денот, да ги проверуваш, да бидеш вечно загрижена и трепкава.

Да се потресуваш само за нивната среќа, бидејќи да уживаш малку во сопствената е зло.

Да заборавиш дека имаш сопруг, зборот интима да ти стане целосно непознат, зборот секс несвојствен и туѓ. Мајка сум јас, не е ова играчка.

Само затоа што сакам да внимавам на својот изглед и да си одвојам време за себе и за пријателките не значи дека не си ги сакам децата. Не ме прави помалку мајка.

Напротив, ме прави подобра мајка.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Јас имам совршен брак, но тоа не е брак во кој јас и маж ми не се караме“ „Со маж ми се расправаме, но ние не се задржуваме во таа лутина. Ние имаме жесто...
„Јас сум разведена мајка на 2 деца - не сакам да ги гледам секој ден и тоа не ме прави лош родител“ „Зошто воопшто си раѓала деца?“ – ја напаѓаат Луси Паркер (35) од Велика Британи...
Мамо, не мораш да бидеш супер жена - сакам да те паметам насмеана „Мамо, еден ден кога твоето тело ќе се измори ретко кој ќе се сеќава дека си се ...
„Јас сум една од најлошите баби - зошто сум строга со внуците?“ „Знам да бидам дури злобна на моменти со внуците и луѓето ми велат дека сум прес...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
„Им љубоморам на моите деца – имаат поубаво и полесно детство од моето“ „Кога бев дете, секое саботно утро ми беше жртвувано – морав да ја косам тревата...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg