„Најважно е да избереш сигурна професија“: Погрешни работи на кои ги учиме децата
Не треба да го советувате детето да работи напорно работа што ја мрази или да биде во заблуда дека знаењето од книгите ќе му донесе финансиска корист.
Колку често помислувате дали го воспитувате вашето дете правилно и соодветно за да се снајде во модерното општество? Дека мора да учи е добро познато, но дали обрнувате внимание на сите аспекти или имате застарени сфаќања?
Време е да се ослободиме од некои „демоде“ правила и да ги воспитуваме децата во модерен дух. Еве кои правила повеќе не важат:
„Мора да штедиш пари“
Колку и да звучи практично, нема смисла. Може да заштедите пари за кус период за нешто конкретно. Но, долгорочното трупање на пари под перницата или на сметката во банката може да го има спротивниот резултат.
Тие пари најдобро е да се инвестираат и да се искористат на најдобриот можен начин за себеси. Секоја личност во модерното општество треба да ги научи основите на финансиското планирање и мудро инвестирање.
„Ако правиш нешто, направи го најдобро што можеш“
Ова правило се пренесува од генерација на генерација. Но, ако видите колку е динамичен образовниот систем денес и колку многу обврски имаат децата во еден училиштен ден и колку време е потребно за тоа, детето мора да го научите да поставува приоритети.
Прво треба да вложи максимум труд во работите што му се најважни, а потоа на останатите.
Оваа особина за селекција ќе му виде значајна во текот на целиот живот, кога ќе мора соодветно да ги распореди обврските за да балансира помеѓу работата, семејството, пријателите, хобито и другите компоненти од животот.
„За да успееш, мора да работиш напорно“
Му го кажувате ова на вашето дете, но во животот постојано гледаме поинакви примери. Стив Џобс и Марк Закерберг се дел од луѓето кои не работеле напорно на работа што ја мразат, туку само го правеле тоа што го сакале, ги реализирале своите идеи и на крај за возврат доживеале неверојатен успех.
Од друга страна, постојат и такви кои не вложуваат многу напор, но среќата едноставно им се насмевнува. Колку подолго работите работа што ја мразите, толку е помала шансата дека ќе успеете.
„Потребно е да акумулираш колку што е можно повеќе знаење“
„Како може да не го знаеш тоа?“, колку пати вака сте му се обратиле на вашето дете? Но, реалноста е дека знаењето нема голем ефект врз идниот живот. Информациите за големината на одредена држава или биографијата за некој писател, може да се најдат за неколку секунди на интернет, а токму ова е клучна особина.
Денес на цена е способноста на интернет брзо да пронајдете информации, да ја процените нивната веродостојност и да ги систематизирате. Вашите деца треба да ги оспособите како да пребаруваат. Општото знаење е добро, но не е многу применливо во реалноста.
„Најважно е да избереш сигурна професија“
Колку детски соништа се скршени на овој начин?
„Сакаш да бидеш уметник, поет, актер? Нема шанси, тоа не е сериозна професија. Најдобро е да бидеш сметководител, така никогаш нема да останеш без работа.“ Мора да признаете дека овој разговор ви е познат. Но, треба да знаете дека за 10-15 години потребата од одредени професии ќе се промени.
Светот е толку динамичен што само тие што знаат да бидат флексибилни и подготвени за трансформации ќе успеат.
„Хиерархиското искачување е поим за успех“
За многумина растот во кариерата не се само вертикален, па од продавач да станете менаџер на продавница, туку и хоризонтален.
Сè повеќе гледаме реални приказни каде луѓе започнале со правење накит, ја подобрувале својата вештина и сега заработуваат огромни суми на тој начин.
Денес секое хоби може да се претвори во доходовна работа. Ако вашето дете не сака математика, а обожава цртање, можеби треба да ангажирате тутор кој ќе му биде од помош на ова поле.
За успешен живот во модерното општество експертите велат дека е потребно една личност да поседува:
- Добри комуникациски вештини
- Способност за работа во тим
- Креативност и способност да се размислува надвор од рамката
- Развиено критичко мислење
С. С. | Црнобело