Докажано - постпородилната депресија ги погодува и мажите
Мажите навистина не се оние кои 9 месеци го носат бебето, ниту пак го раѓаат. Нивните хормони не дивеат, градите не им се чувствителни, па веројатно се прашувате зошто тие би биле депресивни по раѓањето на детето?
Истражување спроведено во Шведска покажува дека во изминатите 10 години, голем број на мажи се бореле со предизвикот наречен родителство, односно татковство.
Истражувањата кои му претходат на ова покажале дека од 4 до 10% од мажите се соочуваат со постпородилна депресија. Но, со ова поголемо испитување кое опфатило 447 шведски татковци, се увидело дека неверојатни 28% од мажите имаат симптоми кои упатуваат на благо ниво на депресија.
Бидејќи се работи за скоро 1/3 од испитаниците, тоа е навистина застрашувачка бројка.
Вкупно 4% од испитаниците патат од умерена депресија, а помал број побарале стручна помош, иако една третина од нив помислиле да се самоповредат.
Додека жените во Скандинавија често пати поставуваат прашања поврзани со постпородилната депресија и менталното здравје, татковците ретко се осудуваат да направат ваков чекор.
Истражувањето во Шведска спроведено на одделението за психологија на Универзитетот Лунд покажало повеќе нивоа на депресија кај машкиот пол, кое одразувало т.н. „машки“ симптоми, како вознемиреност, лутина, раздразливост, прекувремено работење и претерување со алкохолот.
Татковците се соочуваат со истите дилеми како и мајките, вклучувајќи го и комбинирањето на работата со родителството како нова обврска.
Депресивните татковци често пати се изложени на надворешни притисоци како проблеми на работното место, а ако и нивната партнерка е депресивна, ризикот од постпородилна депресија е уште поголем.
Недостатокот од сон и караниците во врската исто така може да придонесат за татковците да паднат во замката наречена депресија по породувањето на мајката, односно сопругата.
Депресивниот татко ќе си игра и ќе се смее помалку со своите деца.
Децата чии татковци се жртви на постпородилната депресија се многу длабоко погодени. Доколку забележите дека тешко се носите со улогата на нов родител и забележувате особено високо ниво за загриженост, раздразливост и анксиозност, размислете на можноста за постпородилна депресија.
Кај татковците најчесто се јавува во првите 12 месеци од животот на бебето.
Кое е најдоброто решение за овој проблем?
Истражувачите упатуваат дека бихевиоралната терапија може да биде од голема помош, но исто така нагласуваат дека една од најлошите работи коишто може да им се случи на татковците во текот на првите 12 месеци е да сфатат колку биле лоши, а за сето тоа време ја пропуштиле првата година од животот на својот син или ќеркичка.
Токму затоа стручната помош и консултациите со доктор се неопходни.
(О)Милена | Црнобело