„Проклетството“ на вторите деца - има облека за тебе од постарото, каква пасирана храна, касни си смоки

Кога бев четврто одделение, сестра ми беше полуматурантка. Нормално, што е едно четврто одделение во споредба со полуматура? Завршувањето на основното училиште и запишувањето во средно е многу поважна работа од едно мало 10-годишно детенце.

Prokletstvoto-na-vtorite-deca-01.jpg

Сета енергија на домашните беше насочена кон сестра ми, дали ќе успее да се запише во добро средно училиште по сопствениот избор.

Кога јас станав полуматурантка, сестра ми беше матурантка. Навистина, што е поважно? Завршувањето на обичното основно училиште или матурата? Да не зборуваме за целиот хаос со запишувањето на факултет и приемните испити. Сите бевме во грч, во некое очекување додека трпки ни лазеа по телото од страв и возбуда истовремено. Немаше многу време за да му ја мислиме на обичната полуматура, аман, веќе сме го поминале тоа и не е ништо посебно.

Кога јас бев матурантка, сестра ми дипломираше. И овојпат мојот настан падна во мала сенка, иако се обидуваа да не се почувствува разликата. Сепак, универзитетската диплома е едно, а средното е задолжително и не е баш некоја голема работа, нели?

Конечно, кога јас ја држев својата факултетска диплома во раце се почувствував горда и среќна, победник кој триумфира. Но, сестра ми повторно успеа да ја засени и оваа мала победа, затоа што објави дека ќе се мажи.

Секако дека се радувам за неа. Секој нејзин успех е и мој, наш. Но, неминовно помислувам како возбудата и радоста за вторите деца е помалку спласната, за разлика од помпата со која се опкружени првите.

Тоа секако нема никаква врска со љубовта. Верувам, знам дека родителите и двете нè сакаат подеднакво, бескрајно и непоматено. Но, самите си кажуваат на шега како премногу се потресувале за сестра ми, а за мене веќе биле испраксирани и опуштени родители.

„Не знаеш колку гости имавме викнато за првиот роденден на сестра ти. Дојдоа роднини дури од Црна Гора. Ивкова слава, 3 дена и 3 ноќи славевме со луѓе. Е за тебе ни дојде паметот, не беше така. Што ни требале тие глупости, не ни е јасно. За тебе направивме скромна прослава. Си ја научивме лекцијата“.

И тоа се кажува така ноншалантно и природно, како да е најнормалното нешто на светот. Се потрошивме за сестра ти, е за тебе ни пројде меракот, па поминавме поскромно.

Што ќе ти e нова облека, си имаш од сестра ти. Сестра ти колку играчки имаше, џабе фрлени пари. Тебе не ти купувавме скоро ич, па си порасна, што ти фали?

Не знам дали ме смеат или ме растажуваат овие изјави. Не знам како да реагирам на нив. Претпоставувам дека е сосема нормално. Дека секое второ дете не го добива тој специјален третман како првороденото. Искуството е различно, погледите се менуваат.

На сестра ти моравме да ѝ пасираме здрава храна, варен сладок компир, што не. Ти си порасна на јогурт и смоки, срце на мама. Со сестра ти трчавме на доктор со најмала температура, тебе ти поминуваше како од шега. Можеби затоа што не ти се тресевме.

Не знам од каде потекнува идејата дека вторите деца се разгалени и сè им е подарено „на тацна“. Вторите деца се преживувачи. Се борат за внимание, иако навидум го имаат целото на светот. Се борат за љубов, за збор, за место под сонцето. Жилави се и неуморни. 

Се борат да излезат од сенката на првото дете, од споредбите и натпреварувањата. Можеби сме се родиле втори, но сакаме да мислиме дека во срцето на родителите го делиме пиедесталот со сите други деца.

Не трошете го целиот ентузијазам, целата грижа и внимание, сето потресување и возбуда само за првите деца. Зачувајте нешто и за другите по нив.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Јас имам совршен брак, но тоа не е брак во кој јас и маж ми не се караме“ „Со маж ми се расправаме, но ние не се задржуваме во таа лутина. Ние имаме жесто...
„Јас сум една од најлошите баби - зошто сум строга со внуците?“ „Знам да бидам дури злобна на моменти со внуците и луѓето ми велат дека сум прес...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Им љубоморам на моите деца – имаат поубаво и полесно детство од моето“ „Кога бев дете, секое саботно утро ми беше жртвувано – морав да ја косам тревата...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
6 работи со кои родителите несвесно им штетат на своите деца Не им ставате крем со фактор кога излегуваат на сонце и не им купувате соодветни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg