Како се воспитуваат децата во Виетнам, Данска и Јапонија?
На сите ни е добро познато како се одвива процесот на социјално развивање на едно дете на балканските простори.
Освен двајцата родители, ангажирани се сите баби, тетки и стрини, „во комплет“ со најблиските сосетки, за бебето да ја изеде кашичката која што е препорачливо да биде вклучена во дневното мени.
Малите деца носат пелени просечно до својата трета година, а истите се под постојан надзор и контролни прашања (најчесто од бабите) од типот на: „Каде беше?“, „Сакаш ли да јадеш? Зошто не, ама гладен си цел ден!? Не е убаво така. Што сакаш баба да ти направи?“- и слично сè до 25-тата година.
Многу јасно, воспитувањето на детето и грижата околу него не е секаде иста.
Во продолжение прочитајте 3 „лекции“ кои традиционално ги практикуваат родителите во одредени места од светот:
Виетнам
Мајките и татковиците во Виетнам ги учат своите деца да мочкаат истовремено со звукот на усното свиркање.
Можеби ви звучи помалку чудно, но всушност родителите го започнуваат овој процес на „тренирање“ на своите деца така што најпрво се обидуваат да забележат кога детенцето почнува да мочка.
Па така, откако детето ќе почне да мочка родителите започнуваат да свиркаат. По извесен период, тоа почнува да си го поврзува свирењето со мочкањето и voilà! Целта е постигната.
Според направените истражувања, бебињата во Виетнам ги „фрлаат пелените“ на просечна возраст од 9 месеци.
Данска
Во Данска родителите практикуваат да ги оставаат своите бебиња и мали деца во нивните колички надвор пред кафулето додека тие го пијат своето утринско кафе.
Веројатно си мислите дека ова е најнеодговорната работа за која досега сте слушнале, но Данците не мислат така.
Ваквата пракса во Данска произлегува од фактот дека дишењето на студен и свеж воздух е навистина важен за развојот на срцето на детето и тие стриктно се придржуваат до ова своја навика.
Јапонија
Родителите во Јапонија ја охрабруваат и бескомпромисно ја поддржуваат независноста на своите деца.
Па, така, не е воопшто чудно ако во метро во Јапонија забележите детенце на возраст од 4 до 7 години како патува само без придружба.
С. У. | Црнобело