Знаете ли во кои земји бебињата најмногу плачат?
Неодамна спроведеното научно истражување, открива кои се државите од светот, каде плачот на бебињата најдолго трае.
Станува збор за истражувањето на групата научници предводени од професорот Диетер Волке, објавено во магазинот „The Journal of Pediatrics“, со кое бил изготвен првиот универзален приказ за нормалната количина на плач на бебињата во првите три месеци.
Воедно, била спроведена и мета-анализа на 28 други истражувања, со која биле опфатени 8.700 бебиња од целиот свет, а со цел да се осознае повеќе за тоа колку децата всушност плачат и дали постои некоја географска нитка, кога е плачот во прашање.
Психолозите откриле дека, во просек, бебињата плачат околу 2 часа на ден во текот на првите две недели.
Времетраењето на плачот достигнува 2 часа и 15 минути до шестата недела, па постепено се намалува на околу 1 час и 10 минути дневно до дванаесеттата недела.
Меѓутоа, интересно е дека научниците заклучиле и дека географијата игра голема улога во тоа колку секое бебе ќе плаче.
Според резултатите, бебињата во Италија, Велика Британија, Канада и Холандија плачат најмногу, додека оние во Германија, Данска и Јапонија, се особено тивки бебиња.
„Бебињата многу се разликуваат по тоа колку плачат во првите недели од животот. Постојат големи, но и нормални варијации. Можеме да дознаеме повеќе со проучување на културите во кои има помалку плач, дали тоа е поради родителството, или, пак, останатите фактори кои се поврзани со бременоста или генетиката“ – изјавува Диетер Волке.
Нималку изненадувачки, децата кои живееле во земјите со повеќе плач, имале и повеќе проблеми со грчевите, па бебињата во Италија, Канада и Велика Британија, имале најмногу колики (стомачни грчеви), кои може да се препознаат по тоа што бебето плаче три часа дневно, најмалку три дена во неделата.
М. А. | Црнобело