Кога мама стана мајка, звукот на плач во 3 наутро, па во 4 и 5 стана нејзина реалност
Пред мама да стане мама никогаш не јадела кришум чоколада. Уживала во своето утринско кафе и не се двоумела дали да отиде на кафе со пријателките.
Пред мама да стане мама често знаела да ужива во долги прошетки низ трговскиот центар пред да дојде дома од работа, а секоја ситница имала свое место во домот.
Пред мама да стане мама и тато да стане тато имало помалку причини за напнатост и несогласувања и повеќе простор на креветот. На плажа си читале книги и пиеле пиво.
Љубовта барала помалку труд и лесно се забележувала секој ден.
Пред мама да стане мама времето траело бесконечно, а добриот сон не бил никаков луксуз.
Пред мама да стане мама не знаела што значи да се сака безусловно, барем не некое друго човечко суштество.
Кога мама стана мама сè се смени. Сè е исто, а сепак поинакво.
Температурата од 39,8 наеднаш станува проблем од светски размери. Политичките избори апокалипса. Сите деца на светот се нејзини.
Кога мама стана мама времето наеднаш се забрза, како воопшто да не застанува.
Кога мама стана мама неизмиените садови станаа реалност. Исто и неиспегланите алишта. И, веќе не се знае чие место каде е.
Кога мама стана мама собата стана пошарена, ѕидовите исцртани. Луѓето поретко доаѓаат во станот, но тој не бил никогаш толку жив. Тука е мебелот, некаде под играчките.
Кога мама стана мама, а тато стана тато, нештата станаа потешки, попредизвикувачки.
Ноќе една малечка рака удира по очите на мама, а две малечки нозе удираат по лицето на тато. А, се спие во епизоди. Истата ноќ.
Кога мама стана мама наутро ја расонуваат 13 килограми во рацете и бакнежи на лицето. И таа се радува на тоа.
Кога мама стана мама оживеаја дворците од песок и работното време веќе никогаш не траеше од 8 до 16 часот.
Кога мама стана мама сфати дека на светот постојат жени, кои со цело срце се мајки и жени, кои само родиле деца. Оттогаш, мама научи да работи помалку, не повеќе.
Кога мама стана мама почна рационално да ја распоредува својата енергија. Најлошата цена која се плаќа е здравјето.
Работното време на мама е 24 часа, мултитаскингот е нешто кое и доаѓа само од себе. Одеднаш, нејзин најголем идеал е да успее да се концентрира само на едно нешто.
Кога мама стана мама звукот на плач во три наутро, па потоа пак во 4 и пак во 5 стана нејзина реалност. Во тоа нема ништо ниту тешко, ниту лошо, ниту заморно.
Кога мама стана мама конечно се согласи на несовршеност. Кога ќе се погледне во огледало ја сака секоја своја брчка, бидејќи „Тоа се цртички кога се смееш мамо“.
Кога мама стана мама нејзините гради доживеаја самоактуализација, а нејзиното тело преобликување во божица. Откако мама стана мама секој ден е стрес, а пет минути за себе се еднакви на добивка на лотарија.
Кога мама стана мама доби супермоќ да биде едноставна и да се радува на ситници. Лисјата кои паѓаат и ја најавуваат есента. Мирисот на земјата после дожд. Слаткиот вкус на праска. Меурчињата од сапуница.
Вирчињата полни вода. Звукот на брановите. Топлата прегратка. Допирот на раката на тато. И најголемата среќа – да гледа како нејзиното дете спие.
Кога мама стана мама својот роденден ѝ го честиташе на нејзината мама.
Кога мама стана мама нејзиниот поглед се насочи кон внатрешноста. Таму каде што е вистината. Каде сите се богови и сенки.
Кога мама стана мама започна да се сака себеси како мама. Од тоа нема ништо ни поголемо, ни поважно.
М. С. | Црнобело