Татко го фотографира синот како храбар космонаут кој истражува нови светови
Фотографот Арон Шелдон ги документира секојдневните авантури на неговиот син фотографирајќи го како космонаут кој истражува нови светови.
Проектот насловен „Small Steps Are Giant Leaps“ (Малите чекори се гигантски скокови) има за цел да им покаже на родителите дека животот на секое дете е како една мисија на Марс, каде тие постојано откриваат нови и нови работи.
„Нашата задача како родители е да дејствуваме како единица за контрола и копилоти на нивната мисија овозможувајќи им да го истражат сето она кое новиот свет има да им го понуди“ – објаснува Шелдон.
Шелдон објаснува дека првичната идеја за целиот проект ја добил кога забележал колку е возбуден неговиот син за првото возење со автобус. Потоа следел лекарскиот преглед за кој малечкиот сметал дека доколку отиде облечен како космонаут нема да се плаши толку многу.
Оттогаш Шелдон го документира истражувањето на Земјата на неговиот малечок космонаут, надевајќи се дека тоа ќе биде инспирација и за другите родители да гледаат на животот и светот преку очите на децата.
М. С. | Црнобело