Искрено писмо на една мајка: „Јас ги родив нив, a не тие мене“
Дали се сеќавате на времето кога постарите беа авторитет? Јас се сеќавам многу добро. Постоеја некакви цврсто втемелени граници. Беше доволен еден прекорен поглед на татко ми за да ми биде веднаш јасно дека супата нема да се срка сама и дека не се зборува со полна уста.
Наставниците се почитуваа како устав, а кога ќе влезеа во училницата ги чекаше громогласен: „Добар ден!“, уредна напишана домашна работа, чиста табла...
Родителите беа ред и закон. Бабите и дедовците ги слушавме, бидејќи тоа се очекуваше од нас и на никого не му претставуваше тоа проблем. Ако не си добар на училиште, едноставно главата ти виси на конец, нема што понатаму да се зборува.
Нема надвор, нема велосипед , нема џепарлак , а богами среќен ќе бидеш ако не добиеш папуча по задникот.
Ако после тоа изговориш макар и едно: „Добро“ следи предупредување: „Само ако ти дојдам таму, ушите ќе ти зујат три дена. Ме слушна?“. Ти само кимаш со главата, бидејќи не ти се исплати да ризикуваш дополнителна казна, сепак, се наближува викендот.
Најлошото што може да ти се случи е да чистиш ориз со баба цел викенд. Многу ориз. Или да лупиш триста компири... До бескрај.
Се знаеше редот во врска со сè и растевме прифаќајќи ги тие цврсто утврдени правила кои не се надминуваа. Во ниту еден случај. Не ти се допаѓа боранијата за ручек? Ќе ја јадеш и за вечера. Нејќеш ниту за вечера? Истата боранија те чека и за појадок. Тогаш сфаќате дека колку и да ви е одвратна таа проклета боранија, најдобро е да ја изедете тогаш кога ви е послужена и да завршите со работата.
Што има благо? Јаболка. Шеќер. Јади шеќер. Сладолед ќе има за неколку дена кога ќе дојде пензијата.
Наградите за одличен успех беа скромни, а ние бескрајно се радувавме. За одличен успех од тато и мама добивавме некогаш, нешто посебно. Се сеќавам на првиот вокмен. Учев со него и ден и ноќ. А, зелените старки беа најдоброто нешто што можам да го добијам. Тоа беше како некој од Америка да ви донел нешто посебно, навистина посебно. И се носеа додека не ти се искинат.
Не можам да разберам што се случи во меѓувреме во врска со воспитувањето на децата и системот на наградување. Децата денес имаат многу повеќе од тоа и на ништо посебно не се радуваат.
Мрзеливоста и дебелината се третираат како „па како можам јас тоа да го променам? Што да му кажам?“. Што се случи со жмурките, ластикот, долга магарица и сакаме војна? Се случи интернетот.
Парковите и дворовите се заменија со социјалните мрежи. Преку ноќ. Подмолно. А, ние тоа го прифативме. Ги поздравивме. Се придруживме на новата форма на дружење за кои се потребни компјутер и електрична енергија. Децата се дружат онлајн. Однатре. Во четири ѕидови.
Како родител го следев старинскиот рецепт на моите родители за да останеш нормален, авторитативен и да имаш неограничена слобода на движење.
Како да стана тренд границите да не постојат или родителите повеќе не умеат да ги постават и да ги одржат стабилни. Во суштина се промени тоа што децата се третираат како да се направени од морска пена.
Понекогаш кога ќе станам и ќе ги набљудувам младите родители по парковите ми паѓа жал. Гледам дека се маткаат наоколу, фрустрирани се и не можат да се справат со сопственото дете од четири години.
Трчаат и брзаат по него со чиниите по паркот и ги хранат во одење, бидејќи „само така сака да јаде“. Трчаат покрај нив да ги спречат случајно да не паднат. Пушти го да падне, како ќе развие моторика со сопствените нозе и раце ако не знае дека постои можноста да падне.
„Мојот не јаде спанаќ, мојот не јаде месо. Мојот не спие до полноќ...“... Како бе не спие? Убаво вели во книгата на Др. Спок - Ставете го во кревет нахрането, пресоблечено и изгасете го светлото. Во девет. Нека плаче. Ќе се научи. Па и ние сме живи суштества. Сакаме 5 минути само за нас.
Убаво си пишува во бестселерот „Како да воспитате дете“. Мислам дека поголемиот дел од нас ја наследиле таа книга. Од кого? Од нашите родители. Што мислите за што служела таа книга? Да видиме како треба. И мене ми остана како „аманет“ и сум ја читала од корица до корица.
Јас ги родив нив, не они мене. Има време и место за јадење, спиење, игра... и тука нема компромис. Едноставно е така. Не е целта на родителот да му биде роб на сопственото дете, туку од него да направите човек со здрави навики. А, за од детето да направите здрав и разумен човек меѓусебното почитување е најважно. Како и доследноста до секое изговорено правило.
Досега не сум стекнала истомисленици во тие спонтани собиранки по парковите. На многумина им делува чудно тој начин на воспитување. И јас тоа го разбирам. Не зборувам, додека не ми се постави прашање.
Твое е детето, твоја е и грижата.
Ама понекогаш родителите силно грешат.
Грешат што ги оставаат децата да се фрлаат по бетонот затоа што не добиле 25-то лижавче. Грешат што им плаќаат на децата со играчки за да бидат добри кон нив и другите. Грешат што постојано им ги бришат рацете со влажни марамчиња. Грешат што ги учат дека секое куче ќе ги касне и секоја мачка ќе ги изгребе. Грешат што децата се дебели, во пелени и цуцла, до 5 години. Грешат што не им даваат во песокот да се извалкаат...
Н. Г. | Црнобело