Што сè научив работејќи со деца?
Децата се најголемото богатство на светот. Невини, наивни и чисти, носат ведрина и радост.
Со нив понекогаш е напорно, понекогаш радосно, но никогаш здодевно.
Спонтаноста е основна одлика на децата
Тие не планираат, не ги знаат исходите од многу нешта, па затоа се препуштаат и откриваат. Многу работи им се нови и сакаат да знаат сè. Понекогаш сè би дале да нe знаеме нешто и да се препуштиме на новото исто како деца, без пресметан ризик.
Креативност
Децата се бескрајно креативни, впрочем нивната спонтаност им ја развива фантазијата и креативноста на ниво што возрасните имаат на што да позавидат. Од секоја играчка прават игра и постојано измислуваат нови игри и начини како да го осознаат светот.
Вистина и само вистина
Само пијаниот човек и детето ја кажуваат вистината, рекле старите и биле во право. Детето не знае да лаже, дури и кога кажува лага таа е толку провидна, што не ни доаѓа да го искараме туку да се насмееме. Тие лажат како би добиле нешто што сакаат или да привлечат внимание. Истото го правиме и ние само во модифицирана форма.
Не, за омразата!
Децата не знаат за омраза, не знаат за дискриминација, не знаат за зло. Децата знаат да сакаат и го покажуваат тоа, не ги делат своите врсници по ниеден основ. Понатамошната нивна селекција е под влијание на опшеството и потесната околина, а тоа влијае врз нивниот наивен избор.
Љубов и само љубов
Да, децата се полни со љубов. Потребно е само да допрете до нив и да ви се отворат, а понатаму се е лесно. Тие знаат да дадат многу, дури и кога не добиле. Тие не мерат, не бараат корист, само љубат искрено од срце.
Ете затоа работејќи со деца, стануваш поведар, поискрен, расположен и во понеделник, среќен и во работна сабота!
Н. Т. | Црнобело