Рани знаци на аутизам кои родителите треба да ги знаат
Ако бебето не покажува интерес кога му зборувате и ако до првиот роденден не пробува да имитира звуци, консултирајте се со педијатар.
Аутизмот е нарушување кое има влијание врз начинот на кој луѓето учат, се однесуваат и комуницираат со другите.
Неретко, аутизмот е нарекуван развојно нарушување бидејќи симптомите се јавуваат на многу рана возраст, додека децата се во развој.
Сепак, аутизмот може да биде дијагностициран на која било возраст.
Но, бидејќи симптомите главно се забележуваат во првите две години од животот, за родителите е важно да ги знаат.
Притоа, родителите не треба сами да поставуваат дијагнози бидејќи ако детето покажува некаков симптом, не мора да значи дека станува збор за аутизам.
Ако се загрижени, треба да се консултираат со експерт кој ќе им даде насоки за понатаму.
Па, кои се разните знаци дека детето можеби има аутизам?
Знаци на аутизам кај бебиња
Не реагира на интеракција со другите
Бебињата се љубопитни и ја сакаат интеракцијата со родителите и другите луѓе.
Постојано ги набљудуваат бидејќи на тој начин учат за своето опкружување.
Кај бебињата со аутизам може да се јават пречки во интеракцијата со другите, односно да не реагираат кога им зборувате или кога пробувате да им го привлечете вниманието.
Не си го препознаваат името
Иако не зборуваат, бебињата почнуваат да си го препознаваат името уште на 6-месечна возраст, а може и порано.
Ако до првиот роденден бебето не реагира кога ќе му го кажете името, тоа може да биде знак за аутизам.
Не покажуваат интерес за луѓето околу нив
Како што спомнавме претходно, бебињата постојано ги набљудуваат луѓето околу нив.
Но, ако бебето не покажува никаков интерес за други луѓе и не ги ни погледнува, можно е да станува збор за аутизам.
Кај бебињата со аутизам помала е веројатноста да прават звуци и да гестикулираат со рацете за да ви го привлечат вниманието.
Ако до првиот роденден бебето не покажува никаков интерес за други луѓе, консултирајте се со вашиот педијатар.
Не имитира звуци
Обично децата не почнуват да зборуваат и до вториот роденден, но сите пробуваат да имитираат звуци.
Кај децата со аутизам може да се јават пречки во развојот на говорот, па да не почнат да имитираат звуци.