Водич за родители: Кога, како и зошто е важно да зборувате за секс со вашите тинејџери?
Во продолжение погледнете неколку совети како да започнете со вашето дете да разговарате за сексот:
Подгответе се однапред – Размислете што би сакале да споделите со детето на оваа тема и пронајдете какви било ресурси кои би можеле да бидат корисни за пренесување на информациите.
Не треба да се смеете – Без сомнеж, разговорот за секс со вашите деца може да биде непријатен, но, смеењето може да ги направи работите уште понепријатни. Ако сте пријателски расположени, ќе му дадете до знаење на вашето дете дека сексот е нормален и дека не се срамите да зборувате за тоа и во иднина. Со ова ќе го охрабрите и да ви поставува прашања, но и да сподели со вас ако има проблем.
Користете ја правилната терминологија – Користете ги анатомски точните имиња за делови од телото, за да го поттикнете и едуцирате вашето дете за безбедноста на неговото тело.
Нека бидат вклучени и двајцата родители – И двајцата родители може да бидат корисни во разговорот на тема секс, при што дополнително ќе ги нормализираат работите, а детето во иднина ќе може да постави прашање на кој било од родителите.
Следете ги неговите реакции и обидете се да сфатите дали детето сака да знае повеќе детали – Внимателно слушајте го детето и почитувајте ги неговите прашања, непријатност или незаинтересираност. Ако не знаете одговор на некое прашање од вашето дете, тогаш бидете искрени и кажете „Не знам“. Не мора да бидете експерт! Понудата да го истражите одговорот заедно е одличен начин да го продолжите разговорот.
Разговор со тинејџери на тема секс
До тинејџерските години, веќе треба да имате разговарано со вашето дете за неговите делови од телото и пубертетот бидејќи дотогаш веќе настануваат промени на телото.
Па, во тие години потребно е да одите подлабоко и да имате отворени разговори за чувствата, нивните тела, сексуалноста и мастурбацијата. Дури и ако вашето дете не е сексуално активно, сигурно веќе има пријатели кои се, размислувале за тоа или пак можеби се во врска каде што се разговара на таа тема.
Потсетете го вашиот тинејџер дека сте тука и дека сте спремни да разговарате. Ако му е непријатно – не правете голем притисок. Едноставно, потсетете го дека сте тука доколку му треба совет или поддршка.
Што треба, а што не треба да правите кога разговарате за секс со вашето дете?
За време на разговорите за секс, постојат одредени работи кои треба, но и кои не треба да ги правите. Сепак, секогаш постои можност да се поправат грешките со нивно признавање и давање точни информации.
Кога разговарате за секс со вашето дете, направете го следново:
- Користете директна и јасна комуникација, дури и ако се чувствувате непријатно.
- Приспособете го вашиот разговор врз основа на возраста и нивото на зрелост на детето.
- Објаснете им за сексуална злоупотреба и поттикнете ги да разговараат со вас за секое прашање кое ги мачи.
- Споделете ги вашите искуства кои сте ги имале во текот на пубертетот.
- Разговарајте зошто и како треба да се заштитат при сексуален однос.
- Понудете му други ресурси на вашето дете од каде што ќе може да се едуцира: книги, веб-страници и слично.
- Охрабрете ги да ви поставуваат прашања.
Кога разговарате на тема секс со вашето дете, избегнувајте ги следниве работи:
- Не засрамувајте го за љубопитноста да го истражи своето тело
- Не игнорирајте го кога сака да постави прашање
- Не измислувајте одговори само за да го завршите разговорот
- Не плашете се да побарате дополнителна консултација доколку е потребна
За крај, запаметете дека многу е важен начинот на кој зборувате со детето за оваа тема. Некои родители единствено им зборуваат на децата дека не е во ред уште од помала возраст да се впуштат во сексуални односи.
Иако е во ред да ги охрабрувате децата да апстинираат додека не бидат целосно подготвени, фокусирањето само на апстиненцијата, а не на другите теми, како што е заштита од сексуално преносливи болести или несакана бременост, нема да донесе многу позитивни работи.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com