Мајка од Кина го пронашла киднапираниот син по 32 години - Бил продаден на пар без деца за 760 евра
Кога поминале речиси 19 години од исчезнувањето на нејзиниот син, Џингзи започнала со волонтерска работа на веб-страницата Baby Come Home (Бебе врати се дома), која помага да се обединат семејствата со нивните исчезнати деца.
„Повеќе не се чувствував осамена. Имаше многу волонтери кои ни помагаа да ги најдеме нашите деца“, вели таа.
„Имаше и друга придобивка, мислев дека и да не го пронајдам моето дете, можам да им помогнам на другите деца да си го најдат својот дом“.
Преку нејзината работа со Baby Come Home и други организации во изминатите две децении, Џингзи им помогнала на 29 деца да се поврзат со нивните родители. Таа вели дека тешко е да се опишат чувствата низ кои поминала кога била сведок на тие средби.
„Се прашував себеси зошто тоа не може да биде мојот син, но кога ги гледав другите родители како го гушкаат своето дете, се чувствував среќна за нив.
Исто така чувствував дека ако тие може да имаат ваков ден, тогаш би можела и јас. Имав надеж. Гледајќи дека нивното дете им се враќа, имав надеж дека еден ден и моето дете ќе ми се врати“.
На 10 мај 2020 година таа добила повик од Бирото за јавна безбедност на Ксиан, со неверојатна вест: Мао Јин бил пронајден. Во април, некој ѝ дал информација за човек кој бил одземен од Ксиан пред многу години.
Таа личност дала слика од тоа момче како возрасен. Џингзи ѝ ја дала сликата на полицијата, а тие, со користење технологија за препознавање лица, го идентификувале како маж кој живее во градот Ченгду, во соседната провинција Сечуан, на оддалеченост од околу 700 километри.
Полицијата потоа го убедила да направи ДНК тест. Резултатите стигнале на 10-ти мај. Следната недела, полицијата зела примероци од крв за да направи нови ДНК тестови и резултатите покажале дека без сомнение се работи за мајка и син.
„Кога ги добив резултатите од ДНК тестот, навистина поверував дека син ми е пронајден“, вели Џингзи.
Понеделник, 18-ти мај, бил избран за денот на нивната средба. Џингзи била нервозна. Не била сигурна какви чувства ќе има нејзиниот син за неа. Тој сега бил возрасен маж, оженет и водел сопствен бизнис.
„Пред средбата, имав многу грижи. Можеби нема да ме препознае, или нема да ме прифати, а можеби длабоко во себе ме имал заборавено. Многу се плашев дека кога ќе отидам да го прегрнам, тој нема да ја прифати мојата прегратка.
Мислев дека уште повеќе ќе се чувствувам повредена од тоа дека синот што го барав 32 години нема да ја прифати љубовта и прегратката од мене“, вели Џингзи.
Поради нејзините чести појавувања на телевизија за да зборува за проблемот со исчезнатото дете, нејзиниот случај станал добро познат и медиумите биле возбудени да ја објават приказната. На денот на состанокот, кинеска телевизија (CCTV) емитувала директен пренос на кој се гледа како Џиа Џиа влегува во салата извикувајќи „Мајко!“, додека трча во нејзините прегратки. Мајката, синот и таткото, сите плачат заедно.
Џингзи потоа дознала дека Џиа Џиа бил продаден на брачен пар без деца во провинцијата Сечуан, за 6.000 јуани (околу 760 евра), една година откако бил киднапиран. Неговите посвоители го преименувале во Гу Нингнинг и го израснале како нивно единствено дете. Посетувал основно училиште, средно и колеџ во градот Ченгду.
Иронично, тој ја видел Џингзи на телевизија неколку години порано, и за неа мислел дека е добра личност. Тогаш помислил дека објавената слика наликува на онаа кога тој бил дете, но не пристапил.
Што се однесува до тоа кој ѝ дал инструкции на Џингзи за тоа каде се наоѓа нејзиниот син, таа личност претпочитала да остане анонимна.
По нивното обединување, Џиа Џиа поминал еден месец во Ксиан, останувајќи со неговите биолошки родители. За тоа време, мајката и синот поминувале време гледајќи стари фотографии, надевајќи се дека ќе се разбуди сеќавањето на Џиа Џиа за неговото детство пред да исчезне. Но, за жал, тој не се сеќавал на ништо од тој период.
Џиа Џиа продолжил да живее во Ченгду, додека Џингзи сè уште е во Ксиан. Многумина ѝ предложиле да го убеди да се врати кај неа, но таа, иако би сакала тоа да се случи, вели дека не сака да му го искомплицира животот.
„Тој е сега возрасен, има свој начин на размислување. Тој има свој живот. Џиа Џиа се оженил и има свое семејство. Сега можам да му посакам само сè најдобро, од далечина.
Знам каде е мојот син. Знам дека сè уште е жив. Тоа е доволно“.
За тоа кој го киднапирал Џиа Џиа пред повеќе од три децении, Џингзи се надева дека полицијата ќе најде одговор. Таа сака да ги види казнети виновниците, затоа што 32 години ја оставиле во мака и го промениле нејзиниот и животот на Џиа Џиа.
Џингзи вели дека во изминатите неколку години, благодарение на напорите на кинеската влада и кинеските медиуми, бројот на киднапирани деца е намален.
Но, сепак, сè уште постојат семејства кои ги бараат своите исчезнати деца и многу возрасни кои ги бараат своите биолошки родители.
Ова значи дека сè уште има работа за Џингзи.
„Ќе продолжам да им помагам на луѓето да ги пронајдат своите семејства“, вели таа.
М. Ѓ | Црнобело