Тест за бременост – 10 работи што треба да ги знаете пред сами да се тестирате
Зошто не треба да пиете премногу течности пред да направите тест на бременост? Зошто тестот мора да се прочита во точно одредената временска рамка и како правилно да го направите тестот, за да не добиете неточни резултати? Прочитајте што треба да знаете за тестовите на бременост.
Тестовите за бременост се лесно достапни и евтини, па затоа мошне често се случува кога и да се сомневаме дека сме бремени или ако сме имале незаштитен секс, да се тестираме во домашни услови.
Лесни се за употреба, имаат висок процент на точност, а може да ги направите во удобноста на сопствениот дом.
Тестовите за бременост функционираат така што го тестираат нивото на хормонот HCG во урината, којшто се ослободува во телото само ако сте бремени.
Овој хормон се произведува кога оплодената јајце клетка ќе се прикачи на матката, односно од самиот почеток на бременоста.
Се верува дека овие тестови се точни во 99 од 100 случаи и речиси се со подеднаква точност како тестовите за бременост што се прават во гинеколошките ординации.
Иако најголем број од тестовите доаѓаат со детално упатство за користење, во продолжение ќе се обидеме да издвоиме неколку клучни работи што треба да ги знаете пред да направите тест во домашни услови.
Не брзајте да направите тест
Ако сте имале незаштитен однос и сметате дека е можно да сте бремени, можно е да избрзате и да го направите тестот пред да ви задоцни мeнструалниот циклус.
Потребно е да помине подолго време за нивото на хормонот HCG во организмот да порасне, па така дури и ако имплантанцијата се случи во понеделник, а вие го направите тестот во среда, сепак можете да добиете негативен тест.
Затоа најдобро е да почекате барем 10-тина дена по задоцнувањето на менструалниот циклус за да го направите тестот.
Ако сте добиле негативен резултат, но уверени сте дека постои можност да сте бремени, почекајте уште 3 дена по првиот тест, па направете нов.
За најточни резултати добро е тестот да се направи со првата утринска урина
Иако голем број од произведувачите велат дека тестот може да се направи во кој било дел од денот, добро би било истиот да го направите со утринската урина, затоа што на тој начин ќе во овозможите нивото на HCG да порасне во текот на ноќта.
Користете чашка за урина
Секој тест има препорака како да го направите. Некои препорачуваат стапчето да го држите и да уринирате врз него, а други пак имаат чашка или посебна пипета.
Кога купувате тест, добро е од аптеката да купите и чашка за урина, со цел во неа да ја соберете урината, па потоа со пипетата да капнете, или пак да го потопите тестот во неа.
На тој начин, правењето на тестот ќе биде похигиенски и не постои опасност да ви падне во тоалетот.
Не го оставајте тестот да стои премногу долго
Постои точно одредена временска рамка за да ги прочитате резултатите од тестот до која треба да се придржувате за да добиете точни резултати.
Прочитајте го добро упатството за да бидете сигурни што треба да правите.
На тестовите обично се појавуваат по две линии, од кои првата е контролна линија, а втората е индикатор за бременост.
Но, ако го оставите тестот подолго од препорачаното време, може да се случи да видите бледа, безбојна линија која се појавува заради испарувањето на урината.
Заради тоа може да сметате дека сте добиле позитивен тест за бременост, а всушност не сте бремени.