Грешки при изборот на детска облека што родителите треба да ги избегнуваат
Максимално избегнувајте ги блузоните со врвки и давајте предност на едноделните костими за капење.
Денес изборот е огромен кога станува збор за детска и бебешка облека, па на родителите може да им биде тешко да изберат што е најдобро за нивното детенце.
Генерално, фокусирајте се на тоа облеката да биде удобна и изработена од природни материјали.
Притоа, избегнувајте ги следниве грешки:
Купувате влечки за многу мали деца
Дечињата кои само што прооделе и уште имаат проблеми со одржување рамнотежа имаат потреба од обувки кои ќе им ја дадат потребната поддршка.
Влечките не го нудат ова – можат лесно да им се лизнат, да им се соблечат, па дури и да ги сопнат.
Давајте им предност на чевлињата кои се прицврстени за ногата.
Дводелни костими за капење
Секогаш е подобро да купувате едноделни костими за капење за малата ќеркичка.
Додека си игра во водата, горниот дел од костимот лесно може да се крене нагоре и да го ограничи движењето на детето, а ова може да биде опасно.
Покрај тоа, едноделниот костим покрива поголема површина од кожата, што значи нуди подобра заштита од сонце.
Блузони со врвки
Целосно избегнувајте ја облеката со врвки додека детето е многу мало, без разлика дали е дома, во градинка или на прошетка со вас.
Потребно е малку за врвката да се заплетка околу вратот.
Венчиња
Малите девојчиња изгледаат преслатко со венчиња, но додека се многу мали, избегнувајте ги оние пластичните.
Веројатно и самите имате забележано дека пластичните венчиња предизвикуваат болка по извесен период и не се најудобни.
Наместо тоа, ставајте им големи стегачи. Секако, осигурете се дека не се премногу тесни.
Ако, пак, забележите дека детето пробува да го отстрани стегачот, извадете го бидејќи очигледно му пречи.
Облека со лош квалитет
Ова не значи дека треба да купувате скапа облека за вашето дете, туку обрнете внимание на квалитетот и материјалот.
Детската кожа е многу почувствителна, па најдобро избегнувајте вештачки материјали.
Тренди облека која е неудобна
Нормално е да сакате да го дотерате вашето детенце, но не заборавајте дека најважна е неговата удобност.
Во неговиот гардеробер треба да преовладува детска облека која е удобна и во која може да си игра.
Истовремено, не заборавајте дека децата лесно ја валкаат облеката, а и растат многу брзо, па нема потреба да трошите мало богатство на тренди облека.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





