Викенд предлог: Кањон Матка
Во близина на Скопје (на 15km) сместен е кањонот Матка. Место каде може да се релаксирате од градската гужва и да уживате во чистиот воздух.
Доколку одите со автомобил за време на викенд, ви препорачуваме да тргнете порано бидејќи во попладневните часови се прави неверојатна гужва, како за паркирање, така и воопшто за движење со автомобил.
Паркирајте се подалеку и одвојте малку време за да пешачите. Патеката до планинарскиот дом е чиста и уредена.
Имате можност да уживате во зелената околина, свежиот воздух и песната на птиците. Реката Треска е сè уште местото каде уживаат сите оние кои се љубители на кајакарството.
Постои можност да си направите излет во сопствена режија на почетокот на Матка покрај реката, или да уживате во вкусната храна на неколкуте ресторанчиња.
После подолго време е реновирана патеката и е поставена заштитана ограда со што сега полесно можете да пристапите до црквата Св. Андреа. Поставени се и клупи каде можете да се одморите и да уживате во убавините на природата.
Вреди и да направите прошетка со кајче затоа што ваквото задоволство освен во Охрид, во нашава земја сега за сега се уште функционира само овде.
Матка е препознатлива по пештерата Врело. Подводната пештера Врело е лоцирана во кањонот Матка од десната страна на реката Треска. Таа е составена од две пештери една над и една под водата. На таванот е вистински „дожд“ од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови.
Во длабочината на пештерата се наоѓаат две езера, Мало и Големо Езеро со своја т.н. руска плажа. Плажата го добила името бидејќи меѓу првите во неа се бањале руски пилоти вработени во македонското воздухопловство.
Во пештерата има и т.н. „концертна сала“, од чија лева страна се таканаречените „пишани камења“. Станува збор за систем од знаци, можеби и за писмо, за чие дешифрирање и толкување треба стручна помош.
Откако ќе завршите со прошетката, ви ветуваме дека ќе се вратите свежи и одморени, полни со импресии.
Вие во секое време можете да ни праќате ваши статии со предлози за места кои вредат да се посетат во Македонија како и фотографии од истите на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.