Село Велестово - Охридско
Ако сте во Охрид и сакате да ја доживеете поубаво околината, нема да зажалите ако го посетите Велестово. Селото Велестово се наоѓа на источната...
...страна од градот Oхрид, во падините на планината Петрино. Од него може да уживате во еден прекрасен пејзаж на охридско- струшкиот регион, и во преубавото езерското синило.
Селото Велестово од Охрид e оддалечено 4-5 километри. До него се оди по асфалтиран пат. Местоположбата на селото од каде има прекрасен поглед на езерото и градот Охрид придонесува за атрактивноста на ова село како и за развојот на рурален туризам.
Воедно, тоа е едно од најатрактивните села во земјава за купување на земјиште и изградба на современи викенд куќи.
Изминативе дваесеттина години поголем дел од сопствениците ги продавале своите ниви на луѓе кои ги привлекла убавината на селото. Новите куќи се користат повремено - најчесто во летниот период.
Мал број жители од 7-8 домаќинства постојано живеат во селото. Според пописот во 2002 година селото брои 45 жители и тоа сите постари од 15 години. Барајќи подобри услови за живот се преселиле најчесто во нас. Рача и во Охрид.
Оние жители кои остануваат во селото преку целата година во најголем број се пензионери, а неколку жители се занимаваат и со овчарство.
Од 1988 година, секоја година веќе 23 години кон средината на месец август се одржува интернационалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово”, во која манифестација учество земаат врвни познати уметници од различни земји.
Во центарот на селото “сретсело” се наоѓа селската чешма со бистра, студена изворска вода и Црквата Успение на Пресвета Богородица која датира од XV век.
Станува збор за мала црква во еднокорабна градба со полукружен свод и тространа апсида однадвор. Како материјали за градба се употребени кршен и делкан камен.
Живописот во црквата е изведен во две фази. Едната, според натписите (на старословенски јазик) започнала да се изведува во 1444 година, додека втората во 1451 година.
Двете фази на сликањето на живописот се издвоени. Зографот што ја работел првата фаза се покажува како доста зрел, што не може да се каже за авторот што ја работел втората фаза.
Фреските целосно го презентираат трендот што владеел во времето на османлиското присуство во Македонија. Во еден натпис што се наоѓа, од 1451 година, се споменува охридскиот архиепископ Никола во чие време е извршено живописувањето на црквата.
Интересно е да се напомене дека нема други извори во кои се споменува дека на чело на Охридската црква бил архиепископот Никола.
Ако сте љубетели на свеж планински воздух, на најубавиот природен пејзаж, на прекрасниот езерски залез на сонцето тогаш повелете да го посетите С.Велестово Охридско нема да зажалите…
И благодариме на Тупаноска Спасија за викенд предлогот.
Вие во секое време можете да ни праќате ваши статии со предлози за места кои вредат да се посетат во Македонија како и фотографии од истите на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Секој петок објавуваме по еден предлог за викенд посета.