Гари и Лазарополе - Алтернативен туризам во недопрена природа далеку од градската врева
Доколку сте уморни од гужвите и напнатоста на секојдневието, ве задушува испарувањето на врелиот асфалт и сè што сакате е само да си го одморите мозокот, но и телото, наша топла препорака се Гари и Лазарополе, два македонски бисери со предзнакот „алтернативен“ планински туризам.
Гари е распослано во прегратките на Стогово. На патот кон Дебар ќе свртите кај месноста Бошков Мост и возите само право. На некои 10-тина километри ви се открива неверојатно раскошна зелена глетка.
Толку зелено што ќе ви го помати погледот. Толку чисто, што веројатно ќе ги шокирате вашите бели дробови.
Гарската Река уште долго ќе остане да ви татни во ушите додека гледате како се пени и белее пред вас. Слично е и со вкусот на гарското сирење и сè што ќе вкусите во Гари – природно, здраво и превкусно.
Ќе заборавите на интернетот и нотификациите. Ќе сакате што повеќе да впиете од оваа чудесна убавина и да фотографирате сè до онаму каде што ви допира погледот.
Кога ќе излезете од Гари по истиот пат по којшто дојдовте по неколку минутно возење, десно од патот ќе ја забележите таблата означена со Лазарополе.
Ќе биде вистинска штета доколку не го искористите моментот и не посетите уште еден прекрасен природен бисер во Македонија.
Но внимавајте, патот до Лазарополе е само за искусни возачи. Кривулест и по малку тесен, тие 8 km можеби ќе ви се чинат како една мала вечност. Но глетката додека се искачувате толку ќе ве преокупира, ќе ве восхити и остави без зборови.
Планина, висина, а Лазарополе во рамнина. Одеднаш го сфаќате значењето на стиховите „Лазарополе, таму најгоре…“, бидејќи имате чувство дека ѕвездите ви се на дофат на дланката.
Рамнина, одлична за релаксација и пешачење. Го фативме последниот цут на нарцисите. Природа која те занемува со убавината, зеленило и коњи кои мирно пасат на чисти површини кои се протегаат до недоглед.
Таму некаде во далечината на планината се наѕираат остатоци од снегот, а до тебе разбујатило зеленило и цвеќиња…
Додека вдишуваш сè околу себе, останува само да се запрашаш – има ли поубава природа од онаа во нашата Македонија?
(О)Милена | Црнобело