И овој викенд да испробаме нешто ново
Еве, ни се ближи лето, период во кој сите очекуваме да се случи нешто поразлично, да ни излезе можност по наша кројка, да ни се оствари долго посакуваниот сон или да заминеме на некоја локација во светот за која имаме штедено со месеци. Очекуваме летото да нé освежи и да ни го рестартира целиот систем за сé да почне одново.
Мислам дека секојдневно во животот треба да бараме авантуристички сегменти. Само така тоа ребалансирање на себеси може да се одвива почесто и поинтензивно.
Наместо да го чекаме летниот одмор од недела-две, ние самите може да го забрзаме тој процес и да си дозволиме чести прошетки, ако ништо друго, барем низ Македонија.
После работна недела, викендите би требало да ги поминуваме во природа. Може тоа да биде и на викендичка. Без разлика дали си со пријатели, со партнерот или сам, одење на ден-два од комфор зоната ќе ти помогне полесно да си ги средиш мислите и да достигнеш една внатрешна хармонија.
Нема поубаво од тоа да најдеш сенка покрај река и со книга в раце да уживаш во читањето или да разглобуваш секакви тематики со блиска личност додека ги шлапкаш нозете во поточе.
На ова би го додал и кампувањето, што мене лично, ме прави многу исполнет. Денски ќе се копелкаме под сенка, бегајќи од жешкото сонце, а штом се смрачи, тогаш жедно ќе излеземе под отвореното небо и како деца ќе ѕвериме во ѕвездестиот океан, ќе уживаме во логорски огин на кој се печат печурки и колбаси и со тивки тонови на гитара ќе се пренесеме во еден поразличен аспект на постоење.
Верувајте, кампувањето сосема може да ве извади од монотонијата, а за тоа не ти требаат пари. Само слободно време и добро друштво и забавата е загарантирана.
И еднодневни планинарски екскурзии звучат примамливо. Не само што си физички активен, туку дозволуваш на природната чистота да допре до тебе. Сите се качуваме на Водно и Матка, но зошто да не направиме исклучок и да не посетиме некој од прекрасните планински врвови: Титов Врв, Пелистер, Солунска Глава, Кајмакчалан...
Да не ги набројувам сите, ако пројавите интерес, Google секогаш е тука за да се консултирате со него пред заминување.
Доколку не сте за пешачење, тогаш може да запалите автомобил или едноставно да се качите во автобус или воз и да заминете во околината. Во Страцин ќе најдете противтенковски барикади и бункери од време на Југославија, звучи интересно, зарем не?
Мариово исто така е примамлива идеја, ако се решите за ова дестинација тогаш ќе се сплотите со македонски народни приказни за Итар Пејо. Немој да речете дека не се сеќавате на итриот и снаодливиот шегобиец.
Можности има еден куп, ние сме тие што треба да пресечеме и да организираме еден поразличен викенд.
И не заборавајте да понесете фотоапарат, на тој начин ги замрзнуваме моментите и секогаш може да се потсетуваме на нив.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело