Викенд предлог: Божествената убавина на Лесновскиот манастир

10-километарскиот кривулест пат над Пробиштип води до едно од најубавите места во Источна Македонија – селото Лесново и Лесновскиот манастир.

vikend-predlog-bozestvenata-ubavina-na-lesnovskiot-manastir-01.jpg

Кога природата создавала убавина, се чини дека тука била особено дарежлива, бидејќи Лесново е недопрено место кое изобилува со раскошни бои, зеленилото на шумата помешано со златните сончеви зраци и синилото на небото, кое тука изгледа како да е на дофат на раката.

Лесново како да има свој сопствен глас, шепоти приказни и легенди од минатото, дел од нераскинливата историја на еден вреден и скромен народ.

Монасите во Лесновскиот манастир ќе ви ги прераскажат сите преданија за ова свето место, основањето од страна на Св. Гаврил Лесновски и податоците за возобнувањето на манастирот.

Можеби најинтересна е приказната за султанот Мурат кој по секоја цена сакал да го сруши манастирот, но за да го дознаете крајот на оваа возбудлива приказна, ќе треба да го посетите.

Едни од најубавите фрески со византиски стил на цртање ќе ги видите токму тука.

Ќе почувствувате како местото дише со историја, жубори од длабочините на земјата, носејќи ви мир и спокојство.

А иконостасот во Лесновскиот манастир, дело на Петре Филиповски-Гарката, е уникатно резбано дело од ореово дрво кое треба да се види, за да се доживее и да се цени макотрпниот труд на Гарката и неговата „банда“. Фасцинира фактот што дел од столбовите се изработени само од едно парче дрво.

Жителите на Лесново во минатото главно се занимавале со ископување на воденичен камен од пештерите во околината на селото.

Специјално обележаните патеки и скали ќе ве однесат до некои од нив.

Лесново ќе ве почести со домашна пита, сирење и кисело млеко и ќе ве направи побогати за неколку впечатоци.

Со сигурност ќе посакате да се вратите повторно...

(О)Милена | Црнобело

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg