„Го посетив Мароко, ме воодушевија Тангер - градот на Херакле и уникатното сино гратче Шефшауен“
Случајно и спонтано се случи нашето патување во Мароко. Беше почеток на месец јуни, летните горештини сè уште го немаа зададено својот удар, а ни туристичката сезона својот замав. Релаксирачко и тивко, за во тишина и мир да се видат убавините на оваа древна земја.
Кога го планиравме ова патување, решивме тоа да биде спонтано, за еден продолжен викенд од три ноќи и четири дена. Знаевме дека сме ограничени со време, па затоа фокусот ни беше градот Тангер и малото шарено гратче Шефшауен.
Првичното истражување ни откри дека за оваа земја е потребна виза, која се вади прилично лесно. Летот го резервиравме преку Брисел, а повратната авионска карта беше точно 65 евра (од човек).
Слетавме во Тангер во утринските часови од првиот ден. Тангер е град во северниот дел на Мароко, и има население од околу 1 милион жители. Градот се наоѓа на северноафриканскиот брег, односно на западниот влез на Гибралтарскиот Проток каде Медитеранот се среќава со Атлантскиот Океан.
Градот е поделен на нов и стар дел. Стариот дел е сместен во една мистична тврдина, каде се случува сè. Тука може да се најдат ресторани, бутици, шеталишта, пазари (медина), музеи, и разноразни продавници.
Културата на овој народ може да се види преку секојдневниот живот. Има голема раздвиженост, свој уникатен шарм, длабока историја. Секој некаде брза, работи, прави нешто. Уживањето е најчесто оставено за туристите.
Низ стариот град може да се најдат многу традиционални ресторани, кои нудат вкусна локална храна, а и евтина. Еден ручек за тројца е околу 30 евра. Мароканската кујна најчесто се состои од свежи салати, чорби од јагнешко месо, ќофтиња, пилешко со зачини и зеленчук и печена риба. Сето тоа е пропратено со разновидни намази и зачини.
За да го посетите Тангер нема да ви се потребни многу пари; може да потрошите до максимум 300 евра за авионски превоз, сместување, храна и шетање за пет до седум денови. И тоа ако сакате да видите сè, па дури и да посетите други места надвор од Тангер, како што направивме и ние.
Топла препорака е да отидете да го посетите ресторанот Le Salon Bleu кој се наоѓа во стариот град и кој има еден прекрасен видик. Третиот кат од ресторанот има поглед накај Шпанија. Таму можете да ги пробате најубавите традиционални чаеви.
Следна дестинација (во текот на вториот ден) ни беа Пештерите на Херакле кои се оддалечени на само 11 километри од центарот на градот. Превозот нè чинеше некои 12 евра (за цела кола). За влез во пештерите се наплаќа 1 евро. Пештерите на Херакле се наоѓаат на северот во Мароко; исто се познати и како африканската врата кон Европа.
На ѕидовите од пештерите се забележуваат фигури од грчката митологија кои многу лесно можат да ве вратат во минатото. Според многуте легенди Херакле на ова место преноќил, ја раздвоил земјата и ги поврзал Медитеранот и Атлантскиот Океан, создавајќи го Гибралтарскиот Проток. Баш поради ова, градот Тангер е и познат како градот на Херакле.
Едно фантастично нешто за овие пештери е тоа што ако застанете на одредено место пред отворот на пештерата, може да го видите континентот Африка како на мапа, исцртан од формата на отворот на самата пештера. Преубав и мистичен видик.
На третиот и последен ден заминавме кон малото волшебно гратче Шефшауен. Гратче какво што дотогаш немав видено. Магично, уникатно, како откинато од некој фантастичен свет, сокриен од светот. Шефшауен е оддалечено 112 километри од Тангер. Такси превозот нè чинеше 50 евра (и за одење и за враќање вкупно), но може да се најдат и многу поевтини опции (за некои 10 евра) со автобуси или со приватни тури.
Шефшауен е познато како едно од најубавите гратчиња во светот. Се наоѓа на рид, скриено во карпесто шумските предели. Бидејќи е мало, може да се прошета во еден неполн ден; во еден здив.
Главната атракција на гратчето е токму тоа, самото гратче. Обоено во неколку нијанси на сина боја, Шефшауен е премногу уникатно за соодветно да се долови преку пишаниот збор.
Додека шетате уживате низ тесните улички, скали, куќички, ресторани, продавници. Ве маѓепсува самата атмосфера од многуте шарени килими, ткаенини, ламби во преубави форми, природни бои во прав, и разновидни зачини.
Исто како и во Тангер, храната е воглавно традиционална и еден ручек е околу 10 евра од човек. Позната кујна, која наликува на балканската, но со многу повеќе зачини. Дефинитивно нешто кое нема да го заборавиме.
Со синото гратче оставено позади нас, нашето кратко патување кое ќе се памети засекогаш, заврши. Убавината на северниот дел на Мароко нè маѓепса.
Иако многу туристи се жалат на фактот дека Тангер не е безбеден за жени и дека локалците се прилично некултурни, ние искрено не го доживеавме тоа. Имаше одредена ладнина кон нас како туристи, но ништо повеќе или посериозно од тоа.
Топло ги препорачуваме овие места во Мароко, посебно синото гратче Шефшауен кое прави да се чувствувате како да не сте на земјата. Ако се прашувате која треба да е вашата следна дестинација на патување (па дури и да е за еден продолжен викенд), тоа е Тангер и Шефшауен. Верувајте, нема да зажалите.
Во продолжение уште неколку фоторграфии од незаборавното патување:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
К. А. | Црнобело