„Бев во Охрид, со глисер крстарев по крајбрежјето, јавав коњи, го посетив магичниот манастир Заум – бесценето искуство“
Се приближивме колку што можевме, а потоа го поздравивме и тој дојде кон нас со коњот, а за да не го исплашиме го изгасивме моторот.
Се запознавме и дознавме дека се вика Мики Маркоски (21) и работи на ранчот „Јанка“, а цел живот е вљубеник во коњите.
Од тоа со колку љубов ни говореше за коњите ме инспирираше да појдам наредниот ден на ранчот и да јавам коњ за првпат во животот.
И јас и мојот партнер уживавме во ова искуство. Ранчот се наоѓа во близина на селото Љубаништа, со коњите се минува низ неверојатна природа, па покрај брегот на езерото, а кога е мирно и без бранови се влегува и внатре.
Потоа Мики и љубезниот Спасе, исто така вработен на ранчот, нè почестија со турско кафе, кое дефинитивно имаше поинаков вкус среде таа природа и по тоа искуство.
Нè прошетаа и во шталата, која велат дека ја граделе самите тие и ни покажаа како живеат коњите.
Мики за CRNOBELO.com вели:
„По потекло сум од Кичево, израснат сум околу коњи и љубовта кон нив ја гаам од многу мала возраст. Веќе подолго време работам на ранчот „Јанка“ во Љубаништа.
Да си посветен на вакви суштества кои буквално те полнат со позитива е нешто посебно. Си развивме една врска во која беспрекорно комуницираме, и покрај тоа што имаме спој на различни карактери.“
Ранчот функционира од минатата година, а веруваме дека кога туристите ќе дознаат за него нема да одолеат на едно вакво уникатно искуство.
По ова целодневно истражување на охридското крајбрежје, при кое видовме најубави нијанси на водата од езерото, па карпа во близина на плажа, па мали диви плажички, па скриени прекрасни катчиња, се вратив полна импресии и горда дека Охрид е бисерот на мојата татковина и треба навистина да се гордееме со него и да направиме сè што е во наша моќ да го испрезентираме на светско ниво.“