„Бев во Охрид, со глисер крстарев по крајбрежјето, јавав коњи, го посетив магичниот манастир Заум – бесценето искуство“
Одлично доживување е и „Заливот на Коските“ — залив во Охридското Езеро и археолошко наоѓалиште на праисториска наколна населба, кој е всушност музеј на отворено и е еден од најпосетените музеи во Македонија.
Откако минавме од кај моите омилени плажи, сфатив дека листата на мои омилени охридски дестинации не сопира тука, па дојдовме и до селото Трпејца, местото каде буквално ги гледате сите нијанси на Охридското Езеро. Од смарагдно и светло зелена до тиркизна и кралски сина, има неверојатни бои и чувството е надрреално.
Потоа, продолживме до „Св. Богородица Захумска“ или само Заум — средновековна црква која се наоѓа во непосредна близина на селото Трпејца и до која се доаѓа само по воден пат.
Сигурно сте виделе многу фотографии оттаму на социјалните мрежи, но верувајте дека во живо е уште поубаво.
Местото изгледа буквално магично и на самото пристигнување таму видовме група странски туристи кои дошле со такси бротче. Среде дрвјата на плажата е магичната лулашка, на која сите се фотографираат, а просторот околку црквата има внимателно уредено зеленило со многу цвеќе и летниковци за седење.
Го имав задоволството да се запознаам со домаќинот на црквата Ристе Велевски (34) од селото Трпејца, кој во разговор ми откри колку години е дел од оваа приказна и зошто ова место е толку магично.
„Јас сум домаќин тука од септември 2013, доаѓаат многу туристи постојано, особено во летниот период, но во зима нема затоа што се доаѓа по воден пат. Има и козја патека која што малкумина ја знаат и ретко се користи. Покрај Македонци, најмногу доаѓаат Холанѓани, Полјаци, Срби итн.
Местово има некоја мистична енергија, тука е една од најчистите води во Охридското Езеро, а црквата е од 14-тиот век, односно изградена е 1361 година, внатре има една од најретките фрески на Света Ана. Манастирот е од 1929 година и има возобновени конаци.“
Потоа си запалив свеќичка во црквата, на чија реставрација се работеше во тој момент и полна импресии си заминав оттаму. Дефинитивно ви препорачувам да го посетите ова неверојатно место.
Следуваше селото Љубаништа каде плажата и дното на езерото се песочни, па прекрасниот манастир Свети Наум, кој е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на неговата најјужна точка, и од вода изгледа величествено, исто како и од копно.
Потоа на враќање назад, додека возевме со мала брзина, уживавме во езерото мирно како тепсија, се сончавме и разладувавме со студено пивце, наидовме на дечко качен на коњ како стои во плиткото под сенката од дрвјата, чии гранки се капеа во водата на Охридското Езеро.
Продолжува на следната страна...
Би можело да ве интересира:





