На што да внимавате при избор на летна дестинација со бебе и што да понесете?
Одберете блиска локација, сместување со лифт или на приземје. Доколку веќе бебето има цврсти оброци, практично е да имате кујничка на располагање.
Што треба да имате на ум при изборот на летна дестинација со бебе и што да не заборавите да понесете?
1. Период за патување
Слушајте ги препораките на докторите, со мало бебе практикувајте да патувате во периодот од летото кога не се пеколни температури (како не би го поминале целиот ден во соба).
Одлучете се за одмор во јуни или септември. На плажа, се препорачува да бидете рано наутро отприлика до 11 часот, и потоа после 17 часот.
Што се однесува до периодот од денот кога да патувате, направете си план тоа да биде во делот од денот кога вашето бебе најчесто спие.
2. Блиска дестинација за пат со автомобил
Доколку не се чувствувате сигурно и пријатно да отпатувате на далечна дестинација, одберете пократко патување. Веројатно би ви било поедноставно да патувате со автомобил отколку авион или автобус.
За во автомобилот обезбедете квалитетно седиште за вашето бебе (или транспортер) доколку е многу малечко. Бидете сигурни да имате при рака подлога за пресоблекување, пелени, влажни марамици, млеко, водичка и се она што ви е неопходно во тие неколку часа додека патувате.
Температурата во автомобилот нека биде околу 24 степени - не претерувајте со пресилно пуштање на климата, а доволно е додека спие, бебето да го покриете со тенка тетра пелена.
3. Одберете дестинација со природни сенки или сламени чадори на плажа
Одберете дестинација каде има добра сенка на плажа. Доколку нема природни сенки, сламените чадори се најдобра заштита од сонцето. Платнените чадори речиси и да не ве штитат од зраците.
Понесете облека со УВ заштита за вашите малечки и соодветен фактор на природна база (за бебиња до една година, се препорачува факторот да биде од 25 до 45) - консултирајте се со лекар.
4. Сместување
Најчесто, при избор на сместување со бебе, родителите гледаат колку е можно повеќе да си го олеснат одморот.
Од практичен аспект: барајте сместување на приземје (каде што лесно би можеле да имате пристап со количка) или со лифт. Пожелно е да сте блиску до плажа, да не мора да одите со автомобил.
Доколку веќе имате почнато да подготвувате домашни оброци за малечкото, би ви било практично во сместувањето да имате мало кујниче, а доколку се одлучите за хотелско сместување, може да си понесете готвач на пареа.
Една од важните работи „за секој случај“ одлучете се да одите на одмор во место каде има доктор на располагање (на пример: доколку се одлучите за одмор на Јонско Море во летувалиштето Врахос каде нема доктор на располагање, најблискиот доктор е во Парга или Превеза).
Доколку бебето е поголемко, добро е да имате сместување со дворче, каде ќе може да лази или да се занимавате во периодот од денот кога не сте на плажа.
Не заборавајте да понесете:
- „Мини аптека“ со неопходни лекови кои би било добро да ги имате при рака: за изгореници, алергија, убоди од инсекти, рани, пробиотик, топломер и антипиретици.
- Цуцли, шишиња, пелени, подлоги за пресоблекување, ќеси за отпад кои ќе ви бидат при рака во торбата.
- Капче или шеширче.
- Мало базенче и водоотпорни пелени за бањање (практично доколку бебето не сака да се бања во море, а сепак да ужива во морската вода).
- Патничко осигурување.
М. У. Т. | Црнобело / фото: depositphotos.com