„Бев во диско во Занзибар, видов како живеат локалците - другата страна на оваа туристичка дестинација“
Некои патувања засекогаш ќе живеат во нас. Тоа на сите добро ни е познато. Првите денови од Занзибар авантурата претставуваа средба со другоста и откако се навикнав на околината, станав уште пожеден за нови доживувања.
По напуштање на Стоун Таун и откако ја завршиме посетата на џунглата со зачини, на пат до Нунгви посетивме едно училиште. Уште додека бев во Македонија знаев за посетата, па колку што можев сакав да ги израдувам децата со кои ќе се сретнам таму.
Со себе понесов боенки, тетратки, играчки, боички, а таму купив и кутија чоколатца. Можеби овој скромен гест некому не би му значело ништо, но знаев дека ако ништо друго кај нив ќе изнудев насмевка на лицата.
Не очекував ништо поразлично, условите беа страшни. Еден учител на стотина деца, без школски прибор и книги, без доволно столчиња и масички. Наставата им се одвиваше под настрешница.
И кога заедно со сопатниците почнавме да ги делиме подароците настана страшен хаос. Такво тегнење во живот немам видено, па да не ги испокинат и испокршат играчките му ги дадов на учителот тој да се погрижи за нив. Без разлика што се случи, децата нè испратија со песна и огромна насмевка.
Истата вечер дел од групата се сместија во Кендва, а дел од нас во Нунгви. Е, само каков контраст видов со свои очи… Се возевме можеби по најлошиот земјен пат за да стигнеме до хотелот, а од прозорецот ги гледав живеалиштата на мештаните и лошите услови во кои живеат.
Одеднаш, без никаков предупредување пред мене се испречи голем ѕид и нов свет што постоеше зад нив. Светот на локалците наспроти светот на туристите.
Следните неколку дена ги поминавме во тој дел од Занзибар. Ем имавме слободно време, ем групни активности и посета на нови места. Но, во која и земја да одам сакам да направам обиколка во локалните клубови.
Дискотеката Cocobello беше нашата цел. Штом излеговме од хотелските капии се најдовме на еден земјен пат, без осветлување, со кал и локалци кои поминуваат на моторцикли, а неретко и по некоја кокошка ќе ни го пресечеше патот.
Кога влеговме се изненадив од необичното уредување на дискотеката. На една страна од дворот се печеше месо, на друга имаше продавничка со сувенири, а внатре огромна просторија со подиум, осветлување, диџеј и дим-машина. Сите беа на нозе, следејќи го ритамот на музиката, а локалците беа посебно забавни зашто сакаа да ги запознаат сите страници и да разменат по некој збор со нас.
На крај останавме до раните утрински часови и откако дремнавме неколку часа продолживме да го истражуваме островот. За времето на мојот престој во Нунгви ја посетивме Сината Лагуна каде што со маски за нуркање уживавме во истражување на богатиот морски свет, поминавме и до The Rock, еден од најскапите ресторани на островот.
Имаше ден и кога пробавме да пливаме со делфини, ама немавме многу среќа да ги видиме во голем број. Секој кој ќе оди на Занзибар треба да го посети и кафулето на плажа Kae Funk, да ужива во звукот со брановите и со пивото Kilimanjaro да го дочекаме зајдисонцето.
Кога бевме таму, група на акробати имаа своја точка, а потоа сите заедно игравме на африканска музика пред да се вратиме во хотелите.
И така, секое патување има и свој крај. Враќањето за Македонија беше макотрпно, од Стоун Таун летавме до Истанбул, па моравме да чекаме 7 часа за да се качиме во авионот и да полетаме за Скопје. Иако патувањето траеше кратко, сепак дома се вратив со еден куп нови искуства.
Како и да е, со задоволство ќе се присетувам дента кога на плажата Паџе се запознав со неколку Масаи и избезумено скокавме заедно, испуштајќи неартикулирани звуци. Тоа им е еден вид на танц.
Не можев да кажам доста на ананасот, кокосот, мангото и бананите, како и на морската храна која секојдневно ја јадев.
Уживав да се дружам со прекрасните водичи, Јелена Јовиќ и Рамадан, кои ми помогнаа да го доживеам островот на посебен начин. Тука ќе ги наведам и пловењето со традиционалните едрилици, кои нè спроведуваа до скриените точки на Занзибар и групно пеење на Хакуна Матата…
Сега е време за мала пауза, па ќе видиме каде ќе ме насочи кормилото на животот. И уште ова, ние не ја бираме дестинацијата, тука таа нè бира нас!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело