„Бев на одмор во Египет, од Скопје летот е 3 часа, морето е рај – зошто топло го препорачувам?“
Одморот во Египет би ви бил здодевен ако не одите на екскурзиите. Тие всушност се најголемото доживување.
Највпечатливо е сафарито во пустина, каде возите баги, квадови, јавате камила, се запознавате со животот на бедуините и пиете од нивниот вкусен чај за добредојде.
Потоа на зајдисонце уживате во традиционална египетска храна и африкански традиционални танци, како и изведби со оган.
Мора да напоменам дека египетската храна е многу зачинета и не е за сечиј стомак. Јас немав, за среќа, таков проблем, но луѓето со чувствителен стомак околу мене се соочија со таква ситуација. Сепак, постојат локални лекарства кои помагаат.
Потоа, меѓу доживувањата во Египет, е и островот Giftun кој е национално богатство на Египет и каде водата е тиркизна како на Малдиви. Навистина, не претерувам, фотките се доказ за тоа.
Бев на две тури на истиот остров. Едната беше посета на плажата Orange bay, каде има лулашки во вода со спектакуларен поглед и каде ќе ги направите најубавите фотки за Инстаграм, се разбира ако сте тој тип, ако не ќе уживате во барот на плажа со неверојатна глетка на тиркизната вода.
Само да ве предупредам водата е до колена многу, многу долго, па нема класично пливање, плус ако погодите лош тајминг може да треба да причекате малку за фоткање на лулашките.
Втората тура ми беше на Paradise island, исто така тиркизно совршенство, но со длабока вода, со различни нијанси на тиркизна боја на вода и повторно со места за совршени фотки. Ако морам да бирам би го избрала второво, но сепак ги препорачувам двете.