Лек за очи, за неплодност, за несреќа во љубовта: Сите легенди за селото Кучково
Во прегратките на неколку високи ридови, меѓу зелени ливади и бујни шуми, ледена изворска вода и стар манастир е вгнездено малото село Кучково кои крие големи легенди и тајни, за лековитата вода, за која, мештаните велат, слепи прогледале, и за каменот на девојките, каде немажените доаѓаат за да имаат среќа во љубовта.
Легендите, раскажувани со децении наназад, кои јас ги слушнав од мојот дедо, Драган, стар Кучкоец, раскажуваат за Крале Марко и за Девојачкиот камен. Шетајќи ме низ старото скопско село тој ми раскажуваше за деството поминато во него, сеќавајќи се на убавите денови, за легендите, но и приказната како тоа го добило необичното име, Кучково.
Денеска селото брои едвај триесетина жители, старото училеште е нем сведок на некогашниот џагор, но животот полека се враќа во него со многуте викендаши, кои тука наоѓаат мир и чист воздух. Селото е оддалечно само петнаесетина километри од центарот на Скопје, а е познато по Крстот, одлично место за излет со прекрасен поглед на градот, но и военото гравче кое се служи секоја година на Денот на Крстот заедно со многу стари селски игри, скокање во вреќа, тегнење на јаже и фрлање на камен, и секако, зурли, тапани и македонски ора.
На сред село е старата чешма, од кое и лете и зиме блика ледена вода, а дедо ми вели од оваа вода гравот е највкусен. Жителите на околните места доаѓаат секојдневно да наполнат шишиња од оваа чиста изворска вода. А самата чешма е стара повеќе од пет децении, изградена од селанецот Велко, како аманет за сите идни генерации.
Легендата за името, овчарите и кучката
Мошне интересна е приказната за тоа каде ова старо село го добило своето име, Кучково. Дедо мѝ ми раскажа дека името го добило од овчарите од Овчеполието.
Секоја пролет, околу празникот Спасовден тие ги терале стадата со овци од Овче Поле кон Шар Планина, да го поминат летото пасејќи на планинските падини и ливади. На патот кон Шара со нив носеле и неколку кучиња кои се грижеле за стадата.
Една од нив била трудна, па тешко се движела и заостанувала по патот. Затоа овчарите решиле да ја остават, оти повеќе им била товар отколку што им помагала. Ја оставиле на една ливада во трње во ненаселено место. Ослободувајќи се од товарот, го продолжиле патот кон Шара.
Кон крајот на летото, околу празникот Света Богородица, крај на месец август овчарите повторно се враќаат кон Овчеполието со стадата бидејќи зимите на Шар Планина се студени и снеговити. Кога стигнале на местото каде ја оставиле кучката пред четири месеци ги чекало изненадување, таа се окучила и со својот род ги чекала.
Во чест на кучката месноста ја крстиле Кучково. Виделе оти таму имало и вода, а и убава и плодна земја, па полека почнале да се населуваат, бидејќи патот од Овче Поле до Шара бил долг.
Се верува, вели дедо ми, дека првите жители биле доселеници, овчари – номади. Па така селото е познато по земјоделието, но и многуте стада со овца и говеда кои паселе по околните ридови. Таткото на дедо ми, мој прадедо, бил говедар.
Лековита вода за очи
Постои една стара изрека која вели „Лекот може да е без пари, ама треба да го знаеш“, насочувајќи дека не секогаш лекот е во медицината и апчињата, туку и во моќта на природата и вербата. Па, во ова мало село се крие една голема легенда, лековита вода која извира од дупката која Крале Марко ја направил со својот коњ Шарец.
Според зборовите на мојот стар дедо, горд на своето кучковско потекло, Крале Марко со својот коњ поминал низ селото и оставил трага, коњско стопало. Тоа место е познато како Коњска нога, и од него извира лековита вода.
Мешаните тој извор го викаат Миочи, од Миј очи, што означува дека оваа вода е за оние кои патат од очите. Вели кој немал јасен вид, се замивал со водата и му помага. Тој како дете слушал приказни дека слепи прогледале откако се измиле со светата и лековита вода.
Денеска местото е средено, со маси и клупи, има место да се запали свеќа за здравје, а многу посетители остваат парче облека и железни парички во симбол за здравје и бериќет во домот.
Девојачки камен, за немажени и леунки
Во атарот на Кучково има една карпа, позната како Девојачки камен, а за неа се поврзани две стари легедни кои говорат за несреќната судбина една млада девојка од селото.
Едната легенда вели дека девојката со своите другарки играла оро, но дувнало силен ветер и ја турнало кон карпата, а од ударот таа починала на самото место. Па затоа местото го добило името Девојачки камен.
Бидејќи несреќната девојка била немажена се раширила легенда која вели дека оние млади кои уште немаат среќа во љубовта и не ја пронашле својата сродна душа треба да дојдат на овој камен и да остават црвен конец.
Според другата легенда пак, млади мајки, кои немаат млеко, леунки, требало да истругаат прав од карпата, да го измешаат со вода и да го испијат. Поради чудотворната моќ на каменот, млеко ќе потече од нивните гради и тие ќе ги нахранат своите чеда.
Иако овие легенди се стари, верувањата сé уште постојат, па на карпата се забележуваат траги од стругање, восок од свеќи и црвен конец, доказ дека сé уште се практикуваат овие стари традиционални обичаи.
Старото народно верување вели дека ако на празникот Младенци се донесе кошула од болен или пак од жена која не може да има деца и се остави на карпата, кога змија која на пролет излегува од дувлото ја полази болеста ќе исчезне, а жената ќе затрудни.
Кучковци се горди на своето село и неговите убавини, природата не се штедела во овој крај, а старите легенди се раскажуваат на помладите генерации за да се одржат традициите и верувањата.
За мештаните од ова село велат дека се големи играорци, а на 6 мај, кога се празнува Ѓурѓовден во селскиот манастир Свети Ѓорѓија и на Свети Трифун, кога се закројува лозјето сите се фаќаат на оро.
Селото, кое е богато со мали црквички и природна убавина е одлично за прошетки, а во последната деценија е атрактивно за викендици меѓу борова шума и чист воздух.
И. Ј. | Црнобело