Кампување на Пелистер, патување со ретро буба – Моите патешествија низ Македонија откако 2020-та ни ги затвори границите
Како да беше вчера кога се појави првиот случај на заразен од коронавирус во Македонија, кога воведоа карантин и полициски час, а еве сега гледам во календарчето на мојата работна маса и сфаќам дека за десеттина дена ќе ја оставиме зад нас 2020 година. Веројатно ќе може и да здивнеме после сè што искусивме овие месеци.
Во моментот кога границите од државите во светот почнаа да се затвораат, мојот номадизам кој веројатно само јас целосно го разбирам, го огласи својот аларм.
Теснотилакот се разбуди од дремката, ама на крај потребата за патување и постојано движење беше задоволена и тоа до максимум.
Повеќе од очигледно е дека сите авантури и патешествија се одвиваа на територија на Македонија, ама донесоа приближно исто толку задоволство и исполнување како да бев на некоја друга страна од светот.
Смоларски и Колешински водопади беа меѓу првите дестинации што ги посетив. Мислам дека уште траеше полициски час па моравме да се вратиме порано.
Самата прошетка добро ми дојде, ме наврати во осмо одделение кога бевме на школска екскурзија. Пред да си тргнеме, во Струмица каснавме свинска пастрмајлија со кашкавал и печурки и го фативме патот за Куманово.
Потоа следуваа неколку кратки патувања, ама едно од поинтересните започна во Битола.
Рано наутро тргнавме за Отешево и кулиравме покрај Преспанското Езеро пред да продолжиме за Мариово. Кривини, дупки, бавно возење… Таков беше патот до селото Зовиќ. Но, тоа е неспоредливо со она што нè пречека таму.
Се паркиравме пред етно куќата „Кај Мостот“ и седнавме на ручек. Каснавме од мариовско овчо сирење, селски леб од фурна, до мазник печен под вршник и печено месо со компири. Од толку многу храна за малку ќе задремев, ама не можев да одолеам да го видам „Филмски мост“ познат и како мостот кај селото Зовиќ.
Високата температура не ми сметаше да уживам во глетката пред мене. Мостот изграден од делкани камени блокови е овековечен и во филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски. Никоја фотографија не може да ја пренесе убавина на ова место, како што тоа можат сопствените очи.
Еден викенд имав можност да патувам низ Македонија со сина ретро буба. Тоа беше посебно доживување. Првата дестинација ни беше Куклица, потоа продолживме до Отошничко Езеро и село Ранковце, на едно волшебно место со куќарка на дрво именувано како Душанленд. Патувањето го завршивме со зајдисонце на Кокино. Хоризонтот гореше!
Понатаму, еден друг викенд имав можност да бидам дел од еден куп автентични туристички доживувања. Присуствував на работилница за изработка на византиски мозаик во Охрид, на работилница за филиграни…
Дури бев и во Пешкопеја, град во Албанија. Тоа ми беше единственото минување на граница. Таму имав можност да помагам во правење на самари, дрвени крошни и ред други работи. Во секој поглед тоа беше искуство плус за мене.
Пешачењето до Големо Езеро на Пелистер е приказна посебна за себе. Првата вечер го погрешивме патот, па моравме да кампуваме во подножјето на ски-лифтот на селото Нижополе, па следниот ден да продолжиме со искачување. Иако бевме ограничени со време, си дадов ветување дека следниот пат ќе направиме подобра организација.
Конечно ги посетив и водопадите и изворот на Бабуна. Автомобилот го оставивме во село Нежилово и по земјен пат, во правец на планинарскиот дом „Чеплес“ почнавме да пешачиме.
Ни требаше околу два часа пред да стасаме до дрвена табла со патокази. Од тука почнуваше малку потешка патека, која минува низ шума и газевме по влажни лисја и камења покриени со мов. Најпосле стигнавме и до водопадите, целата глетка само го потврди фактот дека она што е скриено од човечкото око е најубаво.
Едно меѓу последните патувања ми беше она на Скопска Црна Гора. Беше прилично студено, па затоа прстите ми беа премрзнати, ама заглавени во сета магла, каде прст пред очи не се гледаше, се потсетив на зборовите на дедо ми кој ми велеше наместо да чекам маглата да исчезне, да одам и да се пробијам низ неа.
Тука може да ставам точка. Иако има уште доста патувања што не ги споменав, а имаат големо значење за мене, решив да ги прераскажам во некоја друга прилика.
Во секој случај, не сме свесни колку прекрасни места имаме во Македонија. Знам дека таму далеку постојат безброј светови создадени само за нас. Ние сме тие што треба да одиме и со својата храброст и решителност лично да ги спознаеме.
Верувам дека оваа моја лична одисеја ќе продолжи понатаму. Само се надевам дека наредната година ќе биде поразлична од сè она што засведочивме во оваа.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело