Разбијте ја монотонијата со патување низ Македонија: „Подвизи како Индијана Џонс, мрачни премини или есенски пејзажи“
Топлото време остана зад нас, но желбата да се патува и истражува никогаш не стивнува. Во овие моменти на човечка оттуѓеност, сите имаме потреба да го разбиеме секојдневието макар со некоја кратка прошетка на безбедно.
Во продолжение од текстот ќе наведам пет локации низ Македонија, кои покрај тоа што се лесно достапни, а и познати за повеќемина од нас, можат да ни го направат последниот викенд од ноември уште попријатен. Заедно со сонцето и десетте степени што се најавени од метеоролозите.
Списокот на дестинации ќе го започнам со еден антички локалитет познат како Баргала на петнаесетина километри од Штип.
Локалитетот некогаш имал улога на римски воен логор, а откако бил срамнет до земја се преобразил во тврдина.
Јас кога го посетував местото бев во друштво на археолог, кој на виделина изнесе доста интересни приказни кои кружат за местото. Иако Баргала бил неколкупати ограбуван и опустошуван, сепак во ископаните остатоци се наѕира еден свет за кој не ни можеме да претпоставиме каков бил тогаш.
Еден од моите омилени водопади се наоѓа во околина на Демир Капија, поточно во близина на селото Дрен и го носи името Копришки водопад.
Колку што ми е познато има две патеки до малиот водопад, една подолга и полесна, а друга пократка и понедостапна.
Во секој случај есенските бои на природата нема да ти дозволат да почувствуваш умор, секако ако не си од оние што не мрдаат ни со мал прст. Барем облечете се убаво оти имате прилично за пешачење.
Мислам дека нема кој не го знае Лесновскиот манастир, ама колку пати и да го посетуваш никогаш не ти е доволно. Секогаш одново сакаш да ја погледнеш главната црква посветена на Светите Архангел Михаил и Гаврил.
Посебно доживување е ако има некој кој може на самото место да ти ги раскаже легендите за пустиникот Гаврил Лесновски. Житијата за овој светец, слушнати на тоа место како да те враќаат векови и векови наназад.
Ако сте фасцинирани од подвизите на Индијана Џонс, тогаш локалитетот Пешти во близина на Велес може да ви го задоволи тој внатрешен порив.
Освен тоа местото е познато и како македонското Колорадо, така што подгответе удобни обувки и препуштете се на освојување на некои од бројните пештери. Иако, голем дел од нив се достапни само за искусни алпинисти.
Ако имате можност да се спроведете до пештерската црква Свети Никола, изградена пред повеќе од 600 години ќе помислите дека времето застанало. Тунелите и мрачните премини, оддаваат една посебна перспектива на сегашноста.
Ако не си од Велес, секогаш ти е пријатно да шеташ во стариот дел од градот. Имаш чувство како уличките да рецитираат стихови кои будат носталгија во тебе. Барем јас така го доживеав тоа или можеби спомен-куќата на Кочо Рацин има големо влијание врз она што го почувствував таму.
Имам и интересен предлог, понеси ја со себе збирката поезија „Бели мугри“ на Рацин и пренеси се во светот на еден од најголемите македонски поети.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело