7 причини поради кои странските туристи ја обожаваат Македонија
Што е тоа што ја прави нашата држава посебна? Секако, како „домаќини“ ги знаеме нејзините убави и грди страни, но се чини дека за туристите се сервира само најдоброто.
Најчесто тие ја гледаат нашата мала држава со поинакви очи и издвојуваат квалитети кои, или не знаеме дека постојат, или пак малку сме ги подзаборавиле.
Прочитајте поради кои 7 работи странците повторно и повторно им се навраќаат на нашите 25.713 km² простор:
Доброто вино
Ова и не доаѓа како големо изненадување. Иако сме мала држава, поради добрата географска положба и климатските услови произведуваме одлични вино кое е добро познато и признаено во светски рамки.
Природата
Кога Господ дарувал убавина во природата очигледно е дека се заборавил во Македонија. Фасцинантно е како толку мала држава крие природни убавини и бисери со кои треба да се гордееме и да ги чуваме.
Евтино е
За нас можеби и не е, но за странците Македонија е една од најевтините дестинации во кои може целосно да уживаат и да заборават на зборот штедење додека се на одмор.
Неистражена е
Не попусто имавме цела кампања насловена „Истражи ја Македонија“. Интересно е што голем дел од странските туристи посетиле многу повеќе локалитети во Македонија отколку ние како жители.
Богата историја
Кај нас добрите работи дишат со историја и датираат од пред неколку векови, не од пред неколку години. Тие факти и податоци се особено интересни за странските туристи кои доаѓаат од држави кои немаат толку богата и далечна историја, како на пример Американците.
Љубезноста
За своите можеби и не сме секогаш најдобри, но за туристите сме особено гостопримливи, топли и дружељубиви како народ.
Вкусната храна
Домашната кујна најчесто ја земаме здраво за готово, но никаде на светот го нема нашето тавче-гравче, ајварот, сирењето и кашкавалот, пастрмајлиите и дроб-сармите. Дебелки, но среќни, нели?
(О)Милена | Црнобело