Писателката Вера Калин: Мојот престој во Сеул претставува еден прекрасен одмор од реалноста
Кога ќе се спомене името Вера Калин сите веднаш ја поврзуваме со нејзините книги Бездомникот со златен часовник и Ловци на светулки, наслови кои станаа дел од илјадници домашни библиотеки. Во моментот нашата млада писателка се наоѓа во Сеул, Јужна Кореја каде посетува интензивен курс за корејски јазик, патува и го пишува нејзиниот нов роман.
„Не знам точно кога и како ми се роди желбата да дојдам тука, ама посетата на Сеул ја планирав со години. Освен тоа, Кореја се наоѓа на одлично место на светската мапа, и оттука можам да си дозволам да посетам многу земји од сите оние коишто некогаш сум сакала да ги видам.
Всушност, најзначајната причина поради којашто запишав книжевност како втор факултет беше токму можноста да се биде дел од една ваква размена (покрај нели очигледното: желбата да работам на техниките на пишување)“, споделува Вера Калин.
Интензивниот курс за корејски јазик го посетува четири часа дневно, пет дена во неделата, и за десет недела изучува материјал којшто во вообичаени услови се изучува цела година.
„Програмата е напорна, но истовремено е и многу забавна, особено со оглед на фактот што после неколку недели од целосен лаик човек почнува не само да го разбира, туку и да го говори јазикот“, открива писателката, која во Сеул ќе остане до крајот на летото, и ќе помине две такви програми. Малку жали што нема да биде таму подолго, за целосно да може да го изучи јазикот, но сигурна е дека и по враќањето во Македонија, ќе продолжи со учењето на истиот.
„Немав некои особени очекувања, освен да се чувствувам прекрасно. Таквото чувство навистина и ме дочека. Искрено, сé уште го немам доживеано оној момент кога човек си вели „Леле, види каде сум!“. Веројатно затоа што премногу долго го планирав ова, доаѓањето тука не ми предизвика некаква промена во перципирањето на околината. Секако, тоа беше на почетокот.
Со текот на времето, како што ги забележував нештата коишто се случуваат околу мене, сé повеќе сфаќав во колку различна средина се наоѓам. Но сепак, тоа не се нешта на коишто ми треба навикнување, туку се повеќе опсервации на начинот на којшто функционира ова општество“, раскажува Вера Калин, која ужива во престојот во Сеул. Целото искуство за неа е ново доживување и претставува еден прекрасен одмор од реалноста.
„На почетокот доживеав неколку културни шокови. Прво, чекањето ред. Луѓето тука се поредуваат пред автобус, метро, во ресторан, и пред било каков влез некаде. Никој не се обидува да помине преку ред, и ми се чини дека никој никаде не брза“, споделува таа.
„Второ, метрото. Во корејското метро седиштата коишто се означени како седишта за бремени жени, постари луѓе или хендикепирани се секогаш празни, без разлика колкава е гужвата. Дури и да нема никој којшто припаѓа на некоја од наведените групи, Корејците толку сериозно си ја имаат сфатено таа поделба, што не само што не седнуваат, туку и го осудуваат секој што ќе се обиде да седне таму.
Сите странци на почетокот искусиле осудувачки погледи без да знаат што прават погрешно (сè додека не се најде некој да им каже). И најважно од сé, ова е неверојатно безбедна земја. Во Сеул живеат 10 000 000 жители, а криминалот е на минимално ниво.
На почетокот, толку беше чудно што луѓето ги оставаат своите лаптопи, телефони и паричници на масите од кафулињата и рестораните и излегуваат да направат пауза и да прошетаат, или да испушат цигара и тоа што во неверојатни гужви сите се шетаат со отворени чанти. Сега веќе се навикнав. Никогаш не сум се чувствувала побезбедно од тука.
Дневните активности на Вера Калин се состојат во посета на часови коишто траат до еден часот напладне. Потем со пријателите излегува на прошетка во некое од маалата, и седнува некаде на ручек. Приквечер ги завршува своите работни обврски, и вечерите најчесто си ги посветува само на себе. За викендите, често оди на дневни излети во некој од околните градови, или пак ги прави сите оние работи коишто се на „туристичката“ листа, и ужива во боите и звуците на ноќниот живот.
„Уживам во корејската кујна. Кога дојдов тука не можев да јадам луто, и тоа ги отежнуваше нештата, но со текот на времето се навикнав. Исто, голем проблем ми беше тоа што тука не се користи многу сол, и храната ако не е лута е премногу блага.
О, и еве уште еден шок: Корејците јадат компир со шеќер и мед, а да биде работата уште почудна, децата многу сакале да јадат домат наросен со шеќер“, открива Вера Калин, која иако веќе не ѝ е проблем да ја консумира тамошната храна, македонската кујна премногу ѝ недостига.
Додека таа е во Јужна Кореја, во Македонија излезе новото визуелно и содржински освежено издание на Бездомникот со златен часовник. Во меѓувреме, го планира и текот на следниот роман, но во моментот нема многу време за пишување, па ги одложува плановите за неговото издавање за следната година.
„Долгорочно, фокусот ми е на мојата најголема страст: да го напишам новиот роман. Краткорочно, планирам да ги пропатувам сите земји од Азија за коишто ќе имам време и можност да ги посетам. Туку што се вратив од Кина, а веќе оваа недела заминувам на островот Џеџу, па оттаму за Јапонија.
Малку подоцна, на распоред ми е Хонгконг, а плановите за Тајван или Малезија сé уште ги правам“, ги открива своите планови, кои редовно ги споделува на својот Инстаграм профил. Како што и самата вели, патувањата се нејзината втора најголема страст после пишувањето, и не може да ја објасни среќата што во овој период ќе успее да види добар дел од земјите на нејзината листа со желби.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело