Моето патешествие низ најслободниот град во светот - Кристијанија
Живееме во време каде многумина пробуваат да му побегнат на капитализмот и сите модерни лудости. Иако, можеби изгледа недостижно, сепак насекаде низ светот се појавуваат комуни, заедници и еко-населби кои имаат за цел да го доближи човекот до самиот себе и да воспостави еден солидарен начин на постоење. Токму таков проект постои во главниот град на Данска, станува збор за легендата на алтернативната култура наречена Кристијанија.
Толку пати препрочитував за оваа мала утопистичка комуна, па исполнет со стравопочит, влегов во слободниот град, во себе повторувајќи си ја годината не нејзиното основање, 1971, како некој важен потсетник за тоа каде се наоѓав.
Некогаш местото било воена база исполнето со бараки, но откако војската се повлекла пред неколку децении тогаш група на хипици прво го окупирале, па си го присвоиле земјиштето. Владата пробала да ги протера, но после неколку напорни обиди се откажала зошто сфатиле дека станува збор за еден општествен експеримент, кој му е привлечен на светот.
Дента имаше навалица. Напливот на фасцинирани туристи манипулираше со атмосферата на автономниот кварт со околу илјада перманентни жители. Постојниот мирис беше толку разнолик што сведочеше за космополитски набиен простор.
Сезонскиот ек, како и насекаде во светот, знаеше суштинските прикриености да ги отера од виделина и на тој начин да ги обезличи просторните граници. Бев соочен со еден куп човечките стапала, раменски потчукнувања и збирштина на светски јазици. Де германски, де француски, руски... Турлитава од култури.
Вниманието веднаш ми го привлече знамето на Кристијанија кое е составено од три жолти кругови поставени на црвена позадина. Овој независен дел од Копенхаген си поседува свои норми и правила.
Во разговор со еден локалец дознав дека e забрането носење и употреба на оружје, ниту пак смеат да се консумираат тешки дроги. Насилството воопшто не се толерира, а најинтересно ми беше тоа што имаше забрана дури и за автомобили, па најголем број локалци или се движеа пеш или со велосипед.
Една од целите на заедницата е секој поединец да биде одговорен за благосостојбата на комуната, која економски сама се издржува.
Најголемиот дел од денот ми помина во пешачење низ уличките, запишување и меморирање на видените локали и графити, будно набљудување на секој воочлив мештанин. Во тие часови не се почувствував поразлично ниту од Шерлок Холмс, ниту од Херкул Поаро.
Истрајно се моткав низ улицата Пушер, каде може да се купи канабис и хашиш, зошто се сметаат за лесни дроги. Несвесен за временското протекување наминав до најголемиот објект во Кристијанија, Фреденс Арк, потоа без никаква одмена ја ѕирнав галеријата Леонард, па со отворен весник пред себе дрмнав кафе во Манефискерен.
Од шанкерот со пајакова тетоважа дознав за нивната валута – лоен, која е еднаква на 8 евра и за доселувањето на нови луѓе. Тоа може да се изведе единствено ако некој жител си замине од слободниот град и пред да се отсели мора сопственото живеалиште да го врати во првобитно издание, средено за новиот доселеник.
Имав толку збиени активности, та се однесував како утрешниот ден да не постоеше. Љубопитно пробував да го воочам секојдневниот живот на овие хипици, ми изгледаше дека живеат навистина опуштено.
Без никакви стресови и грижи. Голем дел од нив беа посветени на медитација и јога, и искулирано се моткаа низ уличките на Кристијанија.
При крајот од денот седнав во Немоленд, и масирајќи си ги нозете си нарачав пиво, соочувајќи се со фактот дека годишно ова место го посетувааат над еден милион посетители.
Кристијанија, поим за слобода и едноставност ме фасцинира до толкав степен што посакав барем еднаш во животот да се сплотам со заедницата и лично да го засведочам нивниот начин на постоење.
Инспириран од денот го напуштив квартот со мечти дека некогаш и јас ќе бидам дел од слична комуна.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело