Што треба да содржи женскиот куфер за кратки патувања
Ако практикувате да патувате често, а кратко тогаш сигурно запознаени сте со проблемот “Што да спакувам?” Доколку пак решите да го искористите продолжениот викенд некаде подалеку од домот, сигурно не сакате 2 дена да бидете нервозни заради тоа.
Ова е наш предлог како да спакувате сè што ви е неопходно во само неколку минути и ослободете се од мислата што ви е вишок, а што сте заборавиле.
За почеток, одберете пространа торба која ќе ја носите. Внимавајте да не биде преголема за да можете самите да ја пренесувате ако има потреба од тоа.
Започнете со пакување на хигиенски и козметички препарати кои ги користите секојдневно. Малиот несесер би требало да биде полн со сапун, гел за туширање, шампон за коса со регенератор, четка и паста за заби, дезодоранс, мини парфем и четка за коса.
Од шминките понесете ги 5те производи кои ги користите најчесто, нема потреба од цела палета на бои.
Би било одлично доколку спакувате и еден пар удобни и едноставни чевли кои прилегаат на секоја комбинација, како што се балетанките. Одбирајте неутрални нијанси кои ќе ви одговараат со сè што ќе спакувате понатаму.
Што се однесува до облеката, важни се три нешта - функционалноста, прилагодливоста и удобноста. Понесете лесна блуза која можете да ја комбинирате со здолниште или тесни пантолани, со или без наметка. Одлично решение е и памучниот едноставен фустан кој може да го носите секојдневно. Еден пар фармерки и едно здолниште се сосема доволни за да имате 4 до 5 различни комбинации.
Кога веќе ќе спакувате сè што ви е неопходно, преминете на забавата. Доколку ви остана простор, спакувајте неколку марами, алки и огрлици плус. Деталите се клучни за разнолични комбинации, не го заборавајте тоа.
На крај ќе ви остане да се подготвите умствено за она што ве очекува и да уживате!