3 причини зошто веднаш да престанете да купувате нова облека
Кој вели дека модата подразбира да носите нешто ново? Многу лесно е да паднете во замката да купите повеќе отколку што ви е потребно, но тоа не е лошо само за вас, туку е штетно и за животната средина. Како да се изборите против ова зло на новиот свет? Многу едноставно - не купувајте нова облека.
Брендовите стануваат се поевтини, а интернет продажбата доживува експанзија, па така имате ново парче пред вашата врата за неполни 24 часа. Никој не може да ве обвини за овој порок, но следниот пат пред да кликнете „Нарачај“, размислете како вашиот веќе преоптоварен плакар ќе и наштети на вашата околина.
Купувањето нови парчиња е еколошка катастрофа
Таканаречената „брза“ мода се фокусира на брзината и евтиното производство. Текстилот е втор најголем загадувач на чистата вода, па можете само да го замислите влијанието што го има врз нашата околина. Дополнително, полиестерот во облека го ослободува микрофиберот а тој ги зголемува нивоата на пластика во нашиот океан - сериозна закана за водниот живот.
Ако тоа не е доволно за да ве натера повторно да ја преиспитате вашата наклонетост кон купувањето, тука е најлошото: текстилниот отпад. Според Huff Post, просечниот Американец фрла повеќе од 68 килограми текстил годишно.
И бидејќи овие алишта се направени со синтетички материјал, ќе им требаат децении за да се распаднат, зголемувајќи го и онака енормното количество на отпад што луѓето го создаваат.
„Брзата“ мода ве чини повеќе од „вистинска“ облека
Можеби мислите дека заштедувате многу пари кога купувате евтино, но многу грешите. Фармерките што ги купивте за џабе пари веројатно нема да ја доживеат следната сезона, додека еден пар од квалитетен бренд ќе ви трае од 3 до 5 години.
Заштедувате повеќе кога купувате квалитетна облека, наместо да купувате евтини парчиња што ќе ги фрлите по неколку носења.
Предизвикувате културолошка промена
„Брзата“ мода не се меша само во вашиот паричник и средината во која живеете - таа предизвикува ментална и културолошка промена. Новата облека сега е толку евтина, што чини помалку отколку што ќе ве чини да ја исперете.
Ова создава културолошка промена: ве убедува да продолжите да купувате нови алишта и да ги фрлате по некое време. Што е уште полошо, никој никогаш не ве потсетува кои се последиците од тоа. Но, тоа предизвикува и психолошки ефект: „Брзата“ мода прави да се чувствувате како да не ги следите трендовите.
Бидејќи новите трендови се произведуваат скоро на секои две недели, тоа е битка што не може да ја добиете. Во свет каде изгледот е поважен од сè друго, немате друг избор освен да го следите она што се наложува.
Решението е да станете свесни за она што го купувате. Да се биде модерен не мора да значи купување нешто ново секој месец. Ако не дејствуваме сега, нашата планета ќе ја плати цената за тоа. Мораме да го смениме начинот на кој ја гледаме модата.
Ако потрошувачите бараат квалитетни производи, производителите нема да имаат друг избор освен да го променат она што го продаваат.
A. Ш. | Црнобело