За сите прилики: Зошто aктерката Тифани Хадиш секаде го носи истиот бел фустан?
Смелата комичарка им ги затвори устите на сите снобови од црвениот тепих, како и филмската и модната индустрија генерално, појавувајќи се во ист фустан на сите поважни настани досега. Од премиера на филм, преку доделување на Оскар, па до гостување на емисија, таа без ни малку срам го облече за секаде.
Многумина ги заинтригира веста дека на неодамна одржаните Оскари, Рита Морено се појави во истиот фустан кој го носела пред 56 години.
Меѓутоa, она што малкумина го забележаа е дека и актерката Тифани Хадиш (38) излезе на сцената, облечена во креација што веќе ја имаме видено. Не само еднаш, туку повеќепати.
Таа очигледно го обожува својот долг бел фустан со потпис на Александар Меквин, бидејќи истиот го одбра за низа важни настани: од премиерата на нејзиниот филм „Girls Trip“, преку гостувањето во познатата емисија „Saturday Night Live“, а најпосле и на 90-тото издание на манифестацијата Оскар.
Доколку ги следите модните избори на славните дами, веројатно знаете дека ова не е воопшто вообичаена пракса на црвениот тепих. Напротив. Се коси со елитизмот што таму се промовира. Од година во година, глумиците и останатите ѕвезди трошат стотици илјади долари, постојано менувајќи ги тоалетите.
Некои јавно ѝ се подбиваа на Тифани поради ваквиот потег. Се соочи со навредливи досетки и саркастични реакции на социјалните мрежи. Дури и колегите и соработниците ја советувале да не го прави тоа. Сепак, таа не им остана должна, па во свој стил, накусо одговори на малициозните коментари.
„Потрошив мноштво пари за овој фустан! Чини многу повеќе од мојата хипотека. Ова е Александар Меквин, ОК?“, шеговито им возврати на злобните јазици, алудирајќи притоа на своето сиромашно минато. Хадиш има пораснато во дом за деца без родителска грижа, па долго ѝ требало да се пробие до славата и ја стекне финансиската сигурност што денес ја има.
Свесна е дека е табу тема во медиумскиот свет, доколку некој облече исто парче облека повеќе од еднаш во јавноста. Табу или снобизам? Не сме сосема сигурни. Меѓутоа, таа додава дека без оглед на сѐ, ќе го носи фустанот и во иднина, независно од пригодата. „Сама си го купив. Сметам дека мое право е да носам што сакам, кога сакам и колку пати и да сакам. Сѐ дури изгледа и мириса добро, се разбира.“
Споменатата креација чини 4.000 американски долари.
Нејзиниот став е секако за поддршка. Покажува колку всушност внимание во Холивуд се посветува на неважните работи, како што се скапоцените дизајнерски фустани, додека ѕвездите на сиот глас говорат за нивните хуманитарни подвизи и подигнувањето на свеста за сиромаштијата. Контрадикторно, зар не?
На оскаровската сцена, 38-годишната комичарка додели две награди, облечена во својот омилен фустан, а го искомбинира со папучи од брендот UGG, отфрлајќи ги конзервативните и болно високи потпетици. Така ги сруши сите „воспоставени“ норми, зад кои се крие лажниот сјај на американската и светската кинематографија.
Па, модна грешка ли е ист фустан да го облечете два, три, или, пак, дваесетина пати?
М. A. | Црнобело