Моден водич за жени: Како правилно да го комбинирате накитот?
За вашата облека и накит да создадат една хармонична целина мора да следите одредени правила при комбинирањето.
Сигурно дома имате завидна колекција накит, но дали имате проблем кога ќе дојде комбинирањето на ред?
Дали посакувате наеднаш да ставите неколку омилени парчиња накит?
Но, за сето тоа да изгледа добро, задолжително е да следите некои правила при комбинирањето:
Минималистички пристап
Навистина е тешко правилно да се искомбинираат парчиња накит направени од различни материјали со различна текстура и во различни бои.
Плус, на комплексниот накит, како што се ѓерданите со геометриски форми, треба да внимавате при комбинирањето со облеката и шминката.
За да избегнете грешки, држете се до минимализмот. Дискретните обетки, тенките ѓердани и едноставните прстени може да се искомбинираат речиси со сè. Плус, прилегаат на секој стил.
Бидете внимателни со изборот на бисери
Големите бисери може лесно да направат млада девојка да изгледа како возрасна госпоѓа.
Се разбира, ова е прашање на вкус, но сепак преголемите бисери подобро би изгледале на новогодишната елка, отколку на вашиот врат.
Долгите ѓердани со мали бисери изгледаат поприродно и може да се комбинираат со кој било стајлинг. Плус, одговараат на девојки и жени на секоја возраст, додека поголемите се препорачуваат за повозрасни дами.
Имајте мерка
Сигурно имате многу убави парчиња накит кои ги обожавате, но тоа не значи дека треба да ги ставите сите наеднаш. Особено ако се работи за масивни ѓердани, впечатливи алки и прстени со драгоцени камења.
За елегантен или префинет изглед најдобро е да изберете едно парче.
Но, ако сакате да ставите повеќе парчиња тогаш мора да го почитувате правилото за максимална оддалеченост на парчињата едно од друго. Пример може да комбинирате обетки со алка или обетки со прстен.
Не се плашете да комбинирате сребро и злато
Порано стилистите имаа мислење дека комбинацијата од злато и сребро не е дозволена. Но, потоа ставот се промени и почнаа да се произведува накит, кој е комбинација од двата метала.
Ако е со мерка и вкус, тогаш оваа комбинација ви е дозволена. Избирајте парчиња накит кои имаат ист, стил, форма и текстура.
Накитот не треба да се „кара“ со стајлингот
Кога бирате накит, тоа нека биде како надградба на вашата облека. Целиот стајлинг нека биде во истиот дух.
Ако одите на работа, одберете минималистички накит со цветчиња и срциња. Ако одите на летна прошетка во парк тогаш можете да ставите и повпечатлив накит во светли бои.
Најважно е вашиот комплетен стајлинг да има хармонија.
С. С. | Црнобело